Турција игра клучна улога во запирањето на милиони мигранти на патот кон Унгарија и Европа, иако унгарската опозиција не може или не сака да го разбере тоа, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Секој обид за отстранување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган би бил во интерес на „миграциските сили“, рече Орбан во интервјуто по посетата на Ердоган на Будимпешта.
„Подривајќи ги силата, рамнотежата, безбедноста, сигурноста и редот на Турција, промиграциските сили сакаат да го остварат својот сон милиони мигранти да ја преплават Европа“, рече Орбан, додавајќи дека американскиот финансиер Џорџ Сорос поставил таква цел, тврдејќи дека Европа има потреба од прилив на еден милион мигранти годишно, пренесува МТИ.
„Сè додека Ердоган е на власт и Европа може да постигне договор со него, тој ќе ги отвори портите кон Сирија, а не кон Европа. Дотогаш сме безбедни“, рече Орбан.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на Будимпешта рече дека Турција ќе мора да ја отвори вратата за Европа за сириските бегалци, ако Брисел не ѝ даде на Анкара доволна поддршка.