Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Лестер сити, Брендан Роџерс нема намера да ги остави „лисиците”, за да го замени тренерот на Арсенал, Унаи Емери, кој е под притисок од лошите резултати во последно време.
Лестер ја започна сезоната на сензационален начин, откако го зазема третото место по одигрувањето на првите 11 натпревари од сезоната. Импресивниот почеток на тимот го привлече вниманието на големите клубови кон Роџерс. Во последниве денови, англиските медиуми шпекулираат дека стратегот од Северна Ирска е меѓу посакуваните алтернативи за рокадата на клупата кај Арсенал. Сепак, самиот Роџерс ги отфрли овие тврдења.
– Слушам многу шпекулации во последно време дека некои врвни клубови се заинтересирани за мене. Сепак, можам да одговорам само дека веќе сум во голем тим. Имаме одлично раководство и тим. Во моментов уживам во апсолутно секоја минута од мојот престој и се надевам дека ќе продолжам на ист начин, соопшти Роџерс