Денеска во Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски Бауман” во Велес се одржа свечена заклетва на која 108 граѓани се обврзаа да и служат на татковината. На свеченоста присуствуваа, началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик министерот за одбрана Беким Максути, државнииот секретар Драган Николиќ, претставници од Армијата и Министерството, претставници од локалната самоуправа, родители, роднини и пријатели на војниците.
На свеченоста се обрати заменик министерот Максути кој на војниците меѓу кои има и 10 жени, им ја честита свечено дадената заклетва и им порача дека самиот чин на доброволното пријавување за служба во Армијата е чин кој заслужува почит и поддршка од секого. Притоа истакна дека за време на отслужувањето на тримесечниот период Министерството и Армијата ќе овозможат војниците да ја засакаат уште повеќе воената професија и да ја продолжат својата кариера во редовите на Армијата.
„Нашата Армија е препознатлива по својата разноликост и токму затоа во неа има претставници од различна етничка и верска припадност. Особено ме радува фактот што од година во година бројот на жени во Армијата се зголемува со што се покажува дека оваа професија не препознава пол”, истакна Максути.
Тој додаде дека со реализација на оваа обука им се отвара можност да станат дел од професионалните војници на нашата Армија и таму да ја градат својата кариера полна со предизвици, достигнувања на личен и професионален план, кариера со голем број можности за обука тренинг и наобразба.
„Вие сте нашите идни бранители, нашите идни чувари на територијалниот суверенитет и интегритет, на нашата сувереност и наши идни амбасадори на мирот во меѓународните операции.” – рече Максути
Обуката на војниците на доброволно служење воен рок се реализира во период од три месеци во Центарот за индивидуална обука, кој е во рамките на Командата за обука и доктрини на Армијата на Северна Република Македонија.