Јазот меѓу македонските квази политичари и македонскиот народ се повеќе се проширува и продлабочува. Граѓаните конечно го видоа вистинското лице и на едните и на другите, а работите одат од лошо на полошо. СДССМ со потпишувањето на Преспанскиот договор и со промената на уставот и уставното име го допре дното на националното предавство. Во тоа СДССМ директно и индиректно беше сесрдно потпогнат од дезидеологизираното раководство на ДПСМНЕ за кое во моментов најбитни се удобните фотељи за нивните највискои функционери.
За сиве овие 28 години се изнаслушавме лажни ветувања и од едните и од другите. Со секоја нова власт доаѓаше се посрамна манипулација, лага, масовно осиромашување и невиден арамилак. Го видовме безочното ограбување на народот и пазарењето со оние кои дрско го ограбија тој ист народ. Бројчаникот постојано вртеше само за оние кои се менуваа на власт, а сиротиот граѓанин постојано остануваше и остана со ,,прстот во уста“. И сега шест месеци пред изборите и двете партии односно коалиции на партии повторно се спремаат за нова измама на народот. Едните лажат дека се „На прав пат“ откако патот го и искривија за 180 степени и го направија макадам, а другите ќе се бореле за ,,Обнова на Македонија“ откако ја разрушија и опљачкаа до темел.
ФРОДЕМ изразува длабока загриженост поради неспособната и алчна власт и недоговорната и уште поалчна опозиција. Разочараните граѓани мора конечно да соберат сила, да се сплотат и да станат единствена опозиција во државата. ФРОДЕМ упатува повик за заедничко политичко организирање и делување на сите прогресивни и слободоумни, разочарани непартиски и партиски граѓани, во ново движење и/или друг вид асоцијација со кои ќе се стави крај на повеќе од двоипол децениското владеење на овие две партии.
ФРОДЕМ е подготвен и нуди соработка за заеднички народни реформи за демократизација и деполитизација на државата, чија прва задача треба да биде ослободување од криминалните структури и нивна одговорност. Взаемното уважување во доследната борба за демократија, правда, лично и национално достоинство и чесност е единствениот здрав патриотски однос.
Република Македонија и нејзините граѓани конечно треба сами да си дадат шанса и самите да се изборат за победа над сите зла, кои висат како дамоклов меч над нашата иднина.