Инсистирањето на Турција да ја извитоперува историјата не е соодветно за една модерна држава, вели портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас, одговарајќи на прашање од новинарите во однос на вчерашните изјави на портпаролот на турското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
-Инсистирањето на Турција да ја извитоперува историјата не е соодветно за една модерна држава. Ја повикуваме да размисли за историските одговорности, особено во однос на нејзиното однесување кон грчкото малцинство. Нека го следи примерот на Грција и конечно нека работи на консолидација на добрососедските односи во нашиот регион и секако на нејзината европска перспектива, вели портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција.
Изјавата на Гениматас доаѓа како одговор на коментарот на портпаролот на турското МНР, кој според грчката новинска агенција АНА-МПА, се однесувал на муслиманското малцинство во областа Тракија, одговарајќи на изјавата на грчкиот претседател Павлопулос од Ерменија.