Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик денеска изјави дека му е благодарен на францускиот претседател Емануел Макрон за неговата изјава дека БиХ е „темпирана бомба” и претставува опасност за Европската Унија поради исламскиот тероризам.
– Му благодарам на претседателот Макрон што на светската, но и на својата јавност му ја соопшти вистината на која подолго време укажувам, кога е во прашање БиХ, а поради што трпев критики од некои од меѓународната заедница, на кои не им одговараше вистината за состојбата во БиХ, истакна Додик за српската новинска агенција ТАНЈУГ.
Тој посочи дека Макрон признал дека уредувањето на БиХ претставува опасност за ЕУ поради исламскиот тероризам и џихадистите кои се регрутирани во БиХ а војувале во Сирија, Ирак и други земји и сега се враќаат во земјата.
– Западот долги години ги охрабруваше сараевските хегемонистички и централистички кругови, што доведе до тоа БиХ да стане целосно дисфункционална заедница по поткопувањето на Дејтонскито договор односно дејтонското уредување, додека силата на дејствување на сараевските политички кругови отиде во целосен исламистички екстремизам, посочи Додик.