Инцијативата за воспоставување поинтензивна економска соработка на државите од Западен Балкан и најавуваниот договор т.н. „мал шенген” се очекува да биде доминантна тема на разговорите во рамки на трилатералната средба на премиерите на Македонија и на Албанија Зоран Заев и Еди Рама со српскиот претседател Александар Вучиќ што утре ќе се одржи во Охрид.
Најавеното присуство и на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ на посебниот работен состанок оди во прилог на иницијативата за поблиска економска интеграција на земјите од регионот.
Дека главната тема на дискусија ќе биде економијата укажува и самиот протокол на утрешните активности кој предвидува по лидерската средба да се одржи пленарна сесија на државните делегации со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европска банка за обнова и развој, Регионален совет за соработка, Европска комисија, Светска банка и Европска инвестициска банка.
За договорот „мал шенген” што е најавуван дека ќе стапи на сила во 2021 година позитивни сигнали испратија тројцата лидери, оценувајќи го како голем чекор напред кон поголема слобода на проток на капитал, стоки, услуги и луѓе, предуслов за поголем економски развој на регионот.
Премиерот Заев по средба на тројцата лидери во Нови Сад истакна дека економската соработка е во прилог на заложбите за развој на Балканот како регион што ќе биде почитуван на глобално ниво, конкурентен и привлечен за странските инвеститори.
Тој ги повика сите шест држави од Западен Балкан да се приклучат кон иницијативата за отстранување на граничните бариери за бизнис и за слободен проток на стоки, луѓе, услуги и капитал нешто што, како што оцени, во крајна линија ќе го трансформира Балканот во регион на стабилност, посветен кон засилен економскиот развој, кон европската интеграција и кон подобрување на стандардите на граѓаните на сите држави од регионот.