Српскиот претседател Александар Вучиќ предмалку од Охрид по средбата со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, порача дека иницијативата за регионална соработка не значи формирање на нова Југославија, туку процес кој, според него, овозможува подобар и поквалитетен живот.
-Гледам Рама е под притисок… И мене во текот на изборите, домашната опозиција ме обвинуваше со тоа што го правам патот до Приштина дека правам пат за Голема Албанија, но сепак тие добија 11 пати помалку гласови од мене. Не знам, оваа иницијатива може некој ќе ни ја уништи и ќе пропадне, но таа дефинитивно носи подобар и покалитетен живот на нашите луѓе и компании. Овде нема создавање на нова Југославија – рече Вучиќ, додавајќи дека горд е на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција.
Тој посочи дека слободното движење на луѓе и стоки меѓу земјите ќе обезбеди големи заштеди на пари и време.
-Ние имаме различни ставови со Рама околу Косово и тоа сум му го кажал. Но, оваа иницијатива нема врска со ова прашање. Што има лошо во тоа да не чекаат граѓаните на граница, од тоа производите да се пласираат? Луѓето си заминуваат од нашите држави, не дека немаат леб да јадат, туку поради атмосферата. Се озборуваме едни со други пред меѓународните претставници… – рече српскиот претседател.