Хрватите спаѓаат меѓу најнезадоволните граѓани во ЕУ, покажуваат резултатите од ново истражување на евростатистичарите.
Имено, со просечна општа оценка за квалитетот на животот од само 6,3 во 2018 година, Хрватите се позадоволни единствено од Бугарите, кои на квалитетот на живот му дале просечна оценка 5,4.
Оценките се движат од нила, која означува целосно незадоволство, па до 10, што е оценка за целосно задоволство.
Просечната оценка за квалитетот на животот на граѓаните од ЕУ во 2018 година изнесувала 7,3.
Додека задоволството од квалитетот на живтот во Бугарија минатата година се зголемило во однос на 2013 година, кога било оценето со 4,8, задоволството од животот во Хрватска во истиот период стагнирало, односно просечната оценка останала иста. Тренд на стагнација во оценката за квалитетот на животот во ЕУ во истиот период е забележан и во Белгија, чии граѓани се позадоволни со начинот на живот од Хрватите, оценувајќи го со 7,6, што е над просекот во Унијата.
Главна причина за незадоволство на Хрватите се финансиите. Според истражувањето, сопствената финансиска ситуација Хрватите ја оценуваат со просечна оценка 5,2, што е, исто така, една од најниските оценки во Унијата. Помалку задоволни со својата финансиска ситуација во ЕУ се само Литванците и Бугарите.
Хрватите се наоѓаат при дното на листата и според оценката на лични односи, односно квалитетот на односите со други луѓе. Истражувањето на Еуростат покажува дека просечната оценка која ја дале испитаниците во Хрватска минатата година била 7,5, што е под просекот на Унијата од 7,9. Со личните односи помалку незадоволни од Хрватите се само Грците и Бугарите.
Словенците спаѓаат меѓу позадоволните граѓани во ЕУ. Тие вкупниот квалитет на животот го оцениле со 7,3, што е на ниво на просекот на ЕУ.
На листата на задоволство од квалитетот на животот на прво место се наоѓаат Финците, со просечна оценка од 8,1. Според оптимизмот, следуваат Австријците, кои квалитетот на сопствениот живот минатата година го оцениле со просечна оценка 8,0.
Најзадоволни од личните финансии, покажува Евростат, се Данците и Финците, кои својата финансиска ситуација ја оцениле со 7,6.
Најголемо задоволство од личните односи покажале граѓаните на Малта, Австрија и Словенија, кои оваа компонента на живот ја оцениле со просечна оценка 8,6.