Интегрален текст од изјава на Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ
„Младите се најголеми жртви на лагите на измамникот Зоран Заев и СДСМ. Илјадници млади граѓани во Република Македонија паралелно со високото образование учат и по некој странски јазик со единствена цел кога ќе го завршат образованието веднаш да ја напуштат нашата држава поради бесперспективноста, која е резултат на неспособната и криминална власт.
Заев и СДСМ ги излажаа младите. Излажаа дека ќе спроведат мерки и проекти во интерес на младите од кои до ден денес нема ништо. Нема ни трага ни глас од студентските домови, базени, игралишта и проекти кои ги ветуваа СДСМ за младите.
Една од најголемите лаги за младите е дело токму на Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт. Тој ветуваше не еден, не два туку шест затворени базени ширум Македонија од кои во последната година на мандатот на оваа власт во заминување се уште нема ништо.
Дали Каевски мислеше дека се на „прав пат“ кога во април лажеше дека во јуни ќе отпочне изградбата на затворените базени за сега повторно да шири лажни вести дека изградбата ќе започне до крајот на месецот, а се уште не е завршена тендерската постапка.
Како што може да се види на оваа фотографија која што е достапна јавно на јавноста, тендерската постапка завршува на 2 декември, а Дарко Каевски пред само неколку дена јавно, на телевизиска дебата ја излажа македонската јавност дека целата постапка е завршена.
Токму ваквите лаги и манипулации ќе ги казнат младите на 12-ти април, кога во голем број ќе излезат да гласаат против криминалната банда на чело со аболицираниот Зоран Заев. Младите знаат кој се грижи за нив и кој нуди реални проекти и решенија, младите на 12-ти април гласот ќе го дадат за обнова на Македонија.“