Република Северна Македонија и целиот регион немаат друга алтернатива освен членство во Европската Унија, рече премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференцијата во Охрид по завршувањето на вториот состанок во рамки на иницијативата за регионална соработка.
-Пред неполни два дена сите бевме на состанок во Женева и имавме можност да слушнеме од највисоките претставници на Франција дека таа не е против проширувањето на ЕУ и дека не нуди алтернатива за нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ. Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, а верувам дека и целиот регион нема друга алтернатива освен членство во Унијата. Но, во тој дел тоа што денеска го работиме е секако да ги искористиме сите потенцијали и можности кои ги имаме пред нас и да го унапредиме квалитетот на живот во целиот регион. Да го доближиме целиот регион и да ги искористиме сите потенцијали што ќе донесе добар живот за сите во целиот регион, рече Заев.
Верувам, додаде премиерот, дека со оваа иницијатива се испраќа многу позитивна порака до земјите членки на ЕУ, дека со зголемување на соработката во регионот со уште подостоинствено внимание треба да се фокусираат овде и да дадат можност за забрзување на процесот на интеграција на целиот регион во Унијата.
– Верувам дека тоа го заслужуваме и дека тоа што го работиме е во полза на целиот регион, но верувам дека е во полза и на Европската Унија, рече Заев.