Танјуг – Белград
Европската Унија наместо да почне да ги решава жешките светски прашања, што и го очекуваат граѓаните кои гласаа на европските избори во мај, се соочува со судири меѓу своите најсилни институции, но и со судска постапка поради наводен судир на интереси на еден од своите лидери, оценуваат европските медиуми.
Токму кога Европската Унија требаше да се изгради како поунифициран блок, нејзините три големи институции, Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент, ослабнаа и завојуваа една со друга, пишува порталот Политико.
По европските избори во мај, Унијата се обврза дека ќе ја исполни волјата на гласачите и со навремено и ефикасно дејствување ќе се позанимава со глобалните проблеми, како што се климатските промени, трговските војни, дигиталната трансформација и миграцијата.
Наместо тоа, 1 ноември, денот кога новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, требаше да стапи на должност, доаѓа и си оди, а капацитетот на ЕУ да дејствува, а камоли да се обнови, се чини сè понедостижен.
Наместо да ја поведе ЕУ во поинтегрирана постбрегзит ера, трите големи институции кои мора да соработуваат со цел блокот да функционира ефикасно, се борат меѓу себе.
Кога Фон дер Лајен ќе ја преземе функцијата на 1 декември, забранувајќи дополнителни одложувања, нејзиниот авторитет ќе биде поткопан од конфликтите со Европскиот парламент, несогласувањата со земјите членки и контроверзиите околу нејзиниот избор на членови на Комисијата, оценува Политико.
Порталот додава дека капацитетот на ЕУ за исполнување на амбициозните цели што си ги постави никогаш не изгледал помалку сигурен.
Остриот пораст на излезноста на европските избори во мај покажа дека сè поголем број граѓани бараат решенија од ЕУ, но гласањето исто така доведе до поголема фрагментација во Европскиот парламент, што значи дека ќе биде потешко да се формираат политички коалиции и оти политиката потешко ќе се спроведува.
Европската народна партија (ЕПП) на десниот центар и социјалистите од левиот центар веќе немаат мнозинство заедно.
Појавата на либералната Група за обнова на Европа на Емануел Макрон, амбициозен центристички ривал на ЕПП, како незаменлив трет партнер во која било проевропска коалиција, ја наруши нивната удобна двополност и го дестабилизира системот.
Новиот парламент се одмазди со отфрлање на тројцата кандидати за Комисијата, задавајќи ѝ тежок удар на Урсула фон дер Лајен, но и на францускиот претседател Емануел Макрон, дисквалификувајќи ја неговата кандидатка Силви Гулар.
Се чини дека многумина сега повеќе се плашат од француската хегемонија во постбрегзитската ЕУ, отколку од колективната немоќ во глобалните работи, наведува Политико.
Тоа е лоша вест за Фон дер Лајен, која беше назначена за комесар со тесно мнозинство од девет гласа.
Политико оценува дека ќе биде тешко да се протурка нејзината водечка програма, т.н. Европски зелен договор, осмислен да ја забрза транзицијата на ЕУ кон економија со низок удел на јаглерод, преку фрагментирани, завојувани институции, особено имајќи ги предвид радикалните промени во начинот на живеење, навиките и цените кои им се наметнуваат на граѓаните и компаниите.
Британски „Гардијан” пишува за ситуацијата во која се најде најсилното тело на ЕУ за одлучување, Европскиот совет, кој се најде на суд под обвинение дека не постапил на адекватен начин во врска со наводниот конфликт на интереси во кој се најде чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Лукаш Вагенкнехт, член на чешкиот Сенат, рече дека повел тужба пред Европскиот суд за правда откако Европскиот совет, во кој членуваат лидери на земјите членки на ЕУ, не одговорил на неговата загриженост поради наводниот судир на интереси.
Сенаторот рече дека Бабиш можел лично да се „збогати” со гласање во Европскиот совет затоа што поседува компанија која прима субвенции од ЕУ.
Правниците на ЕУ во 2018 година заклучија дека премиерот милијардер е во конфликт на интереси затоа што неговиот агропрехранбен конгломерат „Агроферт” имал корист од најмалку 82 милиони евра во донации од ЕУ само за таа година.
Како член на Европскиот совет, Бабиш има право на вето на буџетот на ЕУ, што му дава право да одлучува за тоа колку пари од субвенциите се доделуваат на фармите во споредба со истражувања, наведува „Гардијан”.
Весникот истакнува дека преговорите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ веќе се покажале како тешки бидејќи Унијата се соочува со годишен недостиг од 12 до 14 милијарди евра поради Брегзит, барања за ново трошење, како и црвени линии од „штедливите” клубови на државите членки кои одбиваат да платат и цент повеќе.
Европскиот суд на правдата допрва треба да потврди дали ќе се придружи на барањето на Вагенкнехт за забрзана постапка, за да се овозможи пресудата да биде донесена пред лидерите на ЕУ да се договорат за следниот европски буџет во 2020 година.