Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во Тетово посети пекарница и уште два бизниси основани со мерките за самовработување преку Оперативниот план на Владата.
„Навистина ми е драго што денеска во Тетово посетуваме бизнис кој успешно опстојува од минатата година со помош на мерката за самовработување. На сопственикот на пекарницата, Мумин Нухии, му посакувам успешна работа и верувам дека вашиот бизнис ќе стане одржлив и ќе расте со што ќе имате потреба од нови вработувања и проширување на својата дејност. Тетово е една од водечките општини во искористувањето на мерката за самовработување. Годинава само во Тетово имаме 221 селектирано невработено лице за основање на сопствени бизнис со самовработување, а во целиот Полошки Регион вкупно 330 лица коишто се селектирани да ја користат оваа мерка“, рече Царовска.
Како што информираат од ресорното министерство, на ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување.
„Од нив вкупно 557 лица, односно 38% се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35% се жени. Во последните неколку години околу 15 % од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под програмата самовработување“, се нагласува во соопштението на МТСП.