Соопштение за јавност – реакција на изјавата на Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ
„Централно место во предлог Буџетот за 2020 година е грижата за човечкиот капитал, за луѓето, за подобрувањето на животниот стандард на сите граѓани, а не лажен барок, жални врби и споменици.
Владата предводена од СДСМ го утврди буџетот за идната година со истото особено внимание кое постојано е насочено кон граѓаните, со посебна грижа за лицата кои спаѓаат во ранливите категории, кои ВМРО – ДПМНЕ 11 години ги остави на маргините на општеството за сметка на богатење на неколку поединци на врхушката на партијата.
За разлика од расипничката ВМРО-ДПМНЕ која парите на граѓаните ги трошеше на лажен барок, политиките на СДСМ даваат конкретни и реални резултати – како растот на минималната плата на досега рекордно ниво од 14.500 денари, рекордно зголемување на платите на лекарите и на медицнските сестри, трето покачување на платите во образованието за вкупно 21% за 2,5 години, навремена и неселективна исплата на субвенциите.
Додека ВМРО-ДПМНЕ Буџетот го трошеше на криминални тендери, СДСМ во Буџетот за 2020 година испланира покачување на пензиите, за 700 денари кои заедно со веќе постоечкото усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно за 850 до 900 денари.
ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираше стечајците, СДСМ го реши тој проблем и сега речиси 12.000 стечајци сега примаат надомест до пензионирање..
Социјалниот пакет порасна за 300 отсто, за да им се помогне на луѓето во неволја, да им се даде шанса да излезат од сиромаштијата, да не бидат повеќе ранливи, како во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за 8,0%. Во Буџетот за 2020 година издвојуваме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството планирано е да отпочне проектот за изградба на новиот клинички центар во Скопје, и продолжуваме со реализација на Регионалната Клиничка болница во Штип, втората фаза на болницата во Кичево, како и завршните работи во болниците во Струмица и Тетово.
Одвоени се 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции во образованието, за реконструкција и изградба на училишни згради и спортски училишни сали, на студентските домови, и за опремување и реконструкција на универзитетите.
Во 2020 година проектиравме реални капитални расходи на ниво од 23 милијарди денари.
Интензивно продолжуваат активностите за привршување на изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем на делницата Штип – Неготино – Кавадарци – Битола и на делница Скопје – Тетово – Гостивар, Од Гостивар кракот на примарниот гасовод ќе продолжи до Кичево.
Проектирано е дека до крајот на идната година да завршат работите на примарната гасоводна инфраструктура и ќе започнат работите на мрежата со која го носиме гасот до граѓаните и компаниите.
Определивме 1,5 милијарди денари за рурален развој, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.“