Градот Дарувар во Хрватска е мало и многу убаво место, сместено во Западна Славонија, на половина пат меѓу Загреб и Осиек. МИА пристигнувајќи на познатиот фестивал на репортажата „Фра Ма Фу” не очекуваше дека и таму Македонците ги сакаат и ги почитуваат. Објективно, бевме пријатно изненадени, но и вчудовидени – од каде доаѓа таквиот однос кон нас.
Oбјаснувањето лесно го најдовме, од причина што целиот град и пошироко веднаш со насмевка ќе ви посочи дека тука вашиот Македонец и лекар д-р Игнатовски ја отвори приватната клиника и тука во Дарувар вашиот Фарук од Тетовско го прави најдобриот бурек во Хрватска.
Бојан Игнатовски е специјалист по општа пластична реконструкциска и естетска хирургија и е сопственик на поликлиниката „Аркадија” во Дарувар, која е воедно и првата фамилијарна приватна поликлиника за пластична реконструкциска и естетска хирургија во Република Хрватска, отворена во 1992 година.
При нашата посета на клиниката „Аркадија”, големо и современо здание, уредено според врвни стандарди и сместено во шумски крај, д-р Игнатовски ни кажа дека болницата е проценета на над два милиона евра, во неа работат 20 лица и во просек годишно има повеќе илјади пациенти, од кои 60 отсто се странци од Јужна и Северна Америка, Европа, Азија и Австралија, а 40 отсто се од Хрватска.
– Јас сум Македонец, роден сум во Злетово, а во Хрватска дојдов да живеам од емотивни причини. Во Скопје завршив Медицински факултет, бев војник во Хрватска и тука ја запознав сопругата. Се вљубив, започнав романтична приказна поради која ја напуштив Македонија. Тука во Дарувар создадов фамилија, имам две деца, ќерката Билјана Игнатовска, која е специјалист за радиологија и директор на клиниката „Аркадија”, и синот Иван, кој е успешен бизнисмен. Инаку, во Македонија работев во болницата во Кочани и во Штип, имав можност да работам и на Клиниката во Скопје, имав бројна фамилија во Злетово, но љубовта беше посилна. Во Загреб работев на познатата клиника „Ребро”, каде што завршив специјализација, по што отидов во Франција на едукација. Големо влијание и мој едукатор и пријател ми беше познатиот д-р Мишковски од Скопје, за кого имам голема почит и кој ме задои на некој начин во струката, ни кажа д-р Игнатовски.
Тој додава дека покрај соработката со повеќе здравствени институции во регионот, има контакти и во Северна Македонија. Го помага родниот крај, а службено соработува со Медицинскиот факултет во Скопје, со Клиниката за пластична и естетска хирургија, каде што веќе две години оди на средби со колегите на едукација, а повремено и тие доаѓаат тука, млади кои сакаат да учат, да го пренесе искуството, меѓу кои има и познати стручњаци.
На прашањето како е да си Македонец во Хрватска, Игнатовски ни кажа дека долги години живее во Хрватска и дека е Македонец по потекло, што го кажува со гордост, но и Хрват со потекло од Македонија.
– Многу го сакам мојот роден крај Злетово, а за мојата Македонија, која ме врзува, секогаш кога можам доаѓам и секогаш носам со себе некого од моите пријатели од целиот свет, во едно кружно патување и нејзино афирмирање, при што најмногу се задржувам дома, во моето Злетово.
Својот успех д-р Игнатоски не го гледа во клиниката, туку во своите деца, а за ќерката Биљана Игнатовска, која е радиолог и директор, вели дека со успех и големи чекори ја подига клиниката уште поквалитетно. Сето ова се должи на неговото воспитание и поддршката што ја имал од родителите кога ја напуштил Македонија и аманетот секогаш да биде хуман, изјави д-р Игнатоски.
Родителите на Фарук Демири од село Добарце, Општина Желино, Тетовско, исто така се „виновни” што со селидбата во Хрватска, нивниот син во центарот на Дарувар, во дуќанот „Ориент”, го прави највкусниот бурек во Хрватска.
Не верувајќи дека сето ова го има во далечниот Дарувар, гостопримливиот Фарук, кога слушна од каде сме, веднаш нè покани во неговата преполна бурекчилница, каде што „дегустиравме” превкусна четвртина со месо и со сирење, со домашно правено кисело млеко.
– Во 2014 година тука беа новинари, меѓу кои и од магазинот „Куфер” чија специјалност е гастрономијата. Беа тука, јадеа и беа воодушевени. Утредента пак дојдоа и го „дегустираа” мојот бурек и ете така сега во Хрватска и од други новинари и медиуми ме прогласија дека го правам најдобриот бурек во Р Хрватска.
Како што ни кажа Фарук, гости има и од Северна Македонија, меѓу кои е фудбалерот Агим Ибрахими, потоа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и други, меѓу кои сме сега и ние, да го потврдиме епитетот за овој наш „мајстор за правење бурек” и да се почувствуваме како дома, во далечната Хрватска, во Дарувар, благодарејќи на Бојан Игнатовски и Фарук Демири.