Данска од денеска воведува гранична контрола со Шведска и ќе ги зајакне полициските сили долж границата по низата насилни криминални дела и експлозии во Копенхаген.
Данските власти тврдат дека за криминалните дела одговорни се сторители од Шведска.
Контролите на мостот Оресунд помеѓу Копенхаген и Малме, како и во пристаништата почнуваат денеска и ќе траат шест месеци.
Од февруари во Копенхаген регистрирани се 13 експлозии. Според данските власти за експлозијата пред Даночната управа во Копенхаген во август одговорни се „криминалци од Шведска ја минале границата”. Поради инцидентот двајца Швеѓани се во притвор.
Данскиот министер за правда Ник Хекеруп по повод двојното убиство што се случи на 25 јуни, кога во предградие на Копенхаген беа убиени двајца државјани на Шведска, изјави дека станува збор за „судир помеѓу ривалски криминални групи”.
Шведската полиција вчера соопшти дека ќе формира специјална работна група за справување со бранот пукања и бомбашки напади поврзани со криминални банди по фаталната пукотница, кога за време на викендот загина 15-годишник, а уште едно момче е повредено во градот Малме.
Шведска, иако ужива репутација на една од најбезбедните земји во светот со оглед на ниската стапка на криминал и убиства, во последните години се соочува со војни на банди во поголемите градови. Полицијата минатата недела соопшти дека досега имало 187 бомбашки напади, за разлика од 152 колку што имало во цела 2018 година.