На овој состанок учествуваше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој е назначен за висок претставник на Република Северна Македонија во овој Комитет.
Високите претставници од државите сукцесори, застапувајќи ги интересите на своите држави, настојуваа на состанокот да се постигне консензус за секое од прашањата кои беа предмет на дневниот ред, утврден со правилникот за постапување на Комитетот. Жерновски на состанокот го изнесе интересот на Република Северна Македонија за доследна примена на претходно усвоените препораки на овој Комитет, инсистирајќи да се забрза процесот на поделба на дипломатско- конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, потоа да се разгледаат и да се уредат прашањата со распределба на финасиските обврски и побарувања на поранешна СФРЈ, да се интензивира процесот на поделба на архивите, како и генерално да се унапреди и забрза работата на овој комитет како надлежен за ефикасна имплементација на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.
Жерновски истакна дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ. Република Северна Македонија очекува добивка од околу 4 милиони САД долари од продажбата на објектот на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, објектот на Амбасадата на СФРЈ во Бон, Берн и Мисијата на СФРЈ во Њујорк.
„Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В, за поделба на депозитите во „Адриа Банка” во Виена. Учеството на Република Србија во депозитите е намалено од 38% на 20%, на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа Банка. Република Северна Македонија се очекува да добие околу 2 милиони долари од оваа распределба”, изјави Жерновски.
На предлог на македонската делегација, постојаниот мешовит комитет на овој состанок усвои неколку препораки до Владите на државите сукцесори поврзани со активностите кои треба да се преземат заради унапредување на примената на Спогодбата за прашањата на сукцесијата. Воедно, се постигна согласност следниот состанок на Постојаниот мешовит комитет да се одржи во јуни наредната година во земјава.