Синдикатите од образованието денеска ја отфрлија новата понуда на хрватската Влада за прекин на штрајкот, оценувајќи дека е полоша и од онаа што им беше понудена минатата недела. Тие порачаа дека преговорите запираат, а штрајкот продолжува.
Владата, на состанокот во Министерството за труд и пензискиот систем, упати нова понуда до синдикатите – зголемување од 6,12 проценти на основата на платата и изработка на анализа на целокупниот систем на плати во јавниот сектор во рамки на кој ќе се разгледаат и коефициентите на сложеност на работните места на вработените во основно и средно образование, наука и високо образование.
Новина во понудата на Владата е потпишување Договорот за надомест на плати во образованието и науката, со кој се дефинира обврската на Владата дека доколку не ја измени регулативата за коефициенти до 30 јуни 2020 година, сите вработени во образованието би добиле додаток од два проценти на плата.
Владата, исто така, понуди да им ги плати на наставниците деновите во штрајк до 15 декември.