Вечерва се одбележа 75-годишнината од ослободувањето на Скопје
Скопје мора да продолжи да се развива во современа европска престолнина, да биде достојно место за живеење. Одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Скопје е сеќавање на минатото, но носи и моќна порака за иднината. Да го направиме Скопје град за сите. Го отвараме градот за граѓаните, ги вклучуваме во процесите на одлучување и создаваме модел за долгорочен развој на градот, истакна вечерва градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Скопје.
Градоначалникот Петре Шилегов им додели награда „13 Ноември” на фотографката Ерина Богоева за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)”, на музичкиот педагог, истражувач и публицист Александар Трајковски за значаен придонес во областа на културата,уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар”.
Награда доби и Карате клубот Работнички – Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план, на Алили Бесир за освоено прво место на Европско првенство во борење за кадети, на учениците Ана Марија Атанасова за постигнати резултати во воннаставни активности и Стефан Стојковиќ за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.
Христина Спасевска доби награда за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, Жикица Ѓорѓиевски за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик, Дита Старова Ќереми за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје, Фросина Зафировска за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и на Бисера Чадловска за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.