Во Најроби, Кенија, од 12 до 14 ноември се одржува самит на Фондот на население на ОН (УНФПА) со посебен фокус на реафирмацијата на заложбите од агендата на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) и забрзувањето на спроведувањето на нивната Акциска програма. На конференцијата се одбележува 25-годишнината од меѓународната конференција за население и развој одржана во Каиро во 1994 година. Самитот во Најроби се очекува да ги мобилизира политичката волја и финансиските заложби на сите земји потребни за исполнување на програмата за ICPD, да размени искуства и знаења, а нашата земја е препознаена како успешен пример за досегашните спроведени реформи и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија, како и сите засегнати страни во областа на унапредување на сексуално и репродуктивно здравје и права, родовата еднаквост, елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, вклучително и семејно насилство, како и акции спроведени за да обезбедат рамноправност на мажите и жените во поглед на сите економски, општествени, културни, граѓански и политички права.
Во соработка со Канцеларијата на УНФПА во Скопје, националната делегација составена од претставници од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Собранието на Република Северна Македонија, граѓанските организации и заедниците кои работат во областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права и ХИВ, популациониот развој, младите луѓе, луѓето со попреченост, луѓето од засегнатите заедници што живеат со ХИВ и Ромите, пред одржувањето на Самитот во Најроби, преку широк консултативен и партиципативен процес, ги подготви Националните заложби за меѓународната конференција за население и развој на Самитот во Најроби.
На вчерашната 164 редовна седница на Владата на Република Северна Македонија, на предлог од Министерство за здравство, Владата ги разгледа и усвои заложбите кои денеска беа презентирани на Меѓународната конференција за население и развој од страна на шефицата на делегацијата, државната секретарка од Министерство за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи за намалување на незадоволената потреба за семејно планирање на 10% до 2030 година, особено за младите, преку обезбедување на најмалку три вида современи контрацептивни средства кои ќе бидат дел од националното здравствено осигурување и зголемување на средствата од националниот буџет за обезбедување функционални услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, по мерка на младите.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да го воведе сеопфатното сексуално образование во согласност со упатствата на ОН, како изборен предмет, промовирајќи го прифаќањето на сеопфатното сексуално образование до најголем можен степен кај учениците од основните училишта, и промовирајќи ги придобивките од него, преку спроведување и натамошно развивање на национален план за воведување на сеопфатното сексуално образование во училишните програми и одделување на посебна буџетска линија за развој на националните планови за основно образование во Северна Македонија, вклучително и за сеопфатното сексуално образование како дел од националната образовна програма.
- Владата на РСМ ќе се заложи да одржува ниска преваленца на ХИВ (до 5%) кај лицата кои се изложени на ризик од ХИВ инфекција, вклучувајќи ги и младите луѓе и клучните популации.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да обезбеди сеопфатна грижа за изведување на абортус во согласност со меѓународните договори за човекови права ратификувани од земјата и стандардите на Светската здравствена организација, до 2022 година, преку обезбедување пристап до медицински абортус и ажурирање на клиничкиот протокол за безбеден абортус и материјалите за обука на здравствените работници согласно техничките упатства на Светската здравствена организација.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи за нулта смртност кај мајките што можела да се спречи, и одржување на ниска (помалку од 4) смртност кај новороденчињата до 2025 година, преку воведување на стабилен систем на пријавување и контролирање на смртноста и заболеноста кај мајките според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), со цел подобрување на квалитетот на грижата за мајките и воведување на ефективни практики за перинатална нега на национално ниво.
- Y-PEER (Мрежа за младинско образование) на Република Северна Македонија ќе се заложи, до 2025 година, да обезбеди значајно учество на младите, особено на младите од руралните средини, на младите со попреченост и на младите кои не се вклучени во образование, обука или вработување, во пристапот, спроведувањето, следењето и оценувањето на процесите поврзани со националните стратегии за младите.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да воведе специфична национална превентивна програма и буџет за поддршка на сексуалното и репродуктивното здравје, за да се обезбеди одржливо финансирање на Акциската програма на Меѓународната конференција за население и развој до 2030 година.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да го кофинансира, заедно со УНФПА, намалувањето на смртноста кај мајките и новороденчињата во породилиштата кои покриваат над 70% од породувањата, до 2022 година, преку воведување ефективни практики за перинатална нега во породилиштата.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи националните програми и буџети за сексуалното и репродуктивното здравје да ги земаат во предвид потребите на најранливите и маргинализираните групи, вклучувајќи ги и ЛГБТИ лицата, Ромите, лицата со попреченост, сиромашните, сексуалните работници, мигрантите, старите лица, адолесцентите и младите, преку водење грижа за сите групи, водење грижа услугите за сексуалното и репродуктивното здравје да бидат достапни, пристапни, финансиски прифатливи и висококвалитетни за сите, притоа обучувајќи ги здравствените работници како да даваат услуги без стигма за маргинализираните групи.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да обезбеди услуги за старите лица и да ги вклучи старите лица во развојот на земјата.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да создаде прилики за исполнување на младинскиот потенцијал, земајќи ја предвид родовата еднаквост, преку обезбедување еднакви можности за девојки и момчиња за пристап до образованието и пазарот на трудот.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да стави крај на сексуалното и родово заснованото насилство, вклучително и кај лицата со попреченост и малцинствата, до 2030 година, преку обезбедување мултисекторска поддршка низ целата земја за лицата кои преживеале сексуално или родово засновано насилство, согласно обврските од Истанбулската конвенција за спречување и сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство, ратификувана од земјата.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи да ги намали малолетничките бракови, до 2030 година.
- Владата на Република Северна Македонија ќе се заложи за обезбедување на средства од националниот буџет за давање на основните услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, како дел од националната подготвеност и одговор за вонредни состојби.