Полската полиција уапси двајца членови на група осомничена за планирање напади врз муслимани, инспирирани од чинот на норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик и напаѓачот на Нов Зеланд Брентон Тарант, соопшти денеска полската служба за безбедност.
Осомничените биле приведени во неделата во главниот град Варшава и во северниот дел на земјата.
„Апсењето се засноваше на информации претходно собрани од Агенцијата за внатрешна безбедност за екстремистичка група чија цел била да ги заплашат муслиманите што живеат во Полска”, се вели во соопштението на агенцијата.
Тие информации покажаа дека групата била инспирирана од терористички напади извршени од екстремисти, меѓу кои и Брејвик (во Норвешка 2011) и Тарант (Нов Зеланд 2019). Групата имала намера да употреби огнено оружје и експлозив во нападите.
При претресот на куќа во предградие на Варшава, агентите на Агенцијата за внатрешна безбедност пронашле оружје, муниција и материјал потребен за правење експлозиви.