13 ноември 2019, Скопје – Изградба на булевар, филтер станици, реконструкција на локални патишта и училиште – се проектите кои се финансираат годинава преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП во Полошкиот регион, рече заменик министерката за финансии Ширет Елези на вчерашната владина седница која се одржа во Тетово. Заменик министерката истакна дека преку инвестиции во вакви проекти се подобруваат општинските услуги, а со тоа и условите за живот за граѓаните во овие општини.
Заменик министерката Елези посочи дека Министерството за финансии во август годинава, склучило договор со општина Тетово за изградба на дел од булеварот Видое Смилевски-Бато во Тетово. Во рамки на проектот предвидено е продолжување на булеварот за дополнителни 671 метри со што ќе се овозможи премостување на сообраќајот од централниот дел на градот кон периферијата. Таа рече дека имајќи во предвид дека булеварот поминува долж индустрискиот дел од градот Тетово, тој истовремено претставува и главна комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин.
Исто така, општина Тетово подготвува проектна документација за да аплицира за набавка на автобуси за јавен превоз преку Проектот за подобрување на општински услуги, рече заменик министерката за финансии Ширет Елези.
Таа посочи и дека преку Проектот за подобрување на општински услуги, кој Министерството за финансии го реализира со поддршка од Светска банка, опфатена е и реконструкција на училиштето во општина Желино во с. Палатица. Проектот опфаќа реконструкција на училишната зграда, подови и покрив, замена на прозорци и врати, молерисување на внатрешната површина на зградата и набавка на мебел. Во Желино се реконструираат и два локални пата преку проектот, односно локален пат во с.Групчин и во с. Ново Село.
Во општина Врапчиште пак, преку проектот се опфатени изградба на филтер станици во с. Неготино и с. Добри Дол.
Преку МСИП и ИПА грант за општина Гостивар обезбедени се средства за набавка на опрема за одржување на улично осветлување, како и фотоволтаични системи за јавни објекти.
Инаку, Проектот за подобрување на општински услуги го реализира Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, како и со ИПА средства од ЕУ. Целта на проектот е преку инвестиции во инфраструктурни проекти во општините, како локални патишта, водоводи, градинки, училишта, опрема, да се подобрат општинските услуги и условите за живот во сите општини во земјава.