Скопје денеска слави 75 години од ослободувањето на градот. За настаните од тоа време сведочат спомениците и документите, а се поретки се живите сведочења за тоа како скопјани го дочекале ослободувањето од фашистичкиот окупатор.
Споменикот на стреланите скопјани повеќе го нема до Kамениот мост- на местото каде што на 13 ноември 1944 година германските војници за одмазда стрелале деветмина граѓани. Во нивна чест и сеќавање на местото каде што беа убиени, во подножјето на Камени мост беше поставен споменик. Споменикот во својата оригинална верзија постоеше до 2010 година, а исчезна во периодот меѓу 2010 и 2012 година. По неколку години споменикот повторно беше поставен и префрлен на Кеј 13 Ноември.
Сепак, независно од тоа каде е споменикот, сведочењата за тоа како и зошто биле стрелани деветмината скопјани се уште се живи кај децата на убиените и на нивните роднини.
Меѓу нив е и Михајло Ѓуриќ, син на стреланиот Светислав Ѓуриќ. Михајло имал осум години кога бил убиен Светислав, а за 24 Инфо раскажува што се случило кобниот ден.
-Дедо ми беше Србин од Борово, финансиски службеник и имаше сопруга Германка, а исто така и маќеата. Се пензионирал во Призрен, но после дошол во Скопје каде татко ми служеше војска и останал. Во август 1944 Бугарите ги избркаа сите Срби, а мајка ми, бидејќи била благонадежна Булгарка, така ја кристиле, останале во Скопје. Татко ми имаше многу занаети, електричар, механичар… имаше возачка дозвола од 1926 година и зборуваше германски. Живеевме кај Црквата СВ. Богородица, а мајка ми беше готвачка кај некој Германец, а татко ми го возел и така ја преживеале војната. Го возел Германецот, и работел за отпорот, во гепекот возел партизани, раскажува Михајло.
Тој се сеќава дека Скопје повремено било бомбардирано, кога сојузничките авиони кои се враќале од Африка фрлале бомби што им останувале, но бомбардирањата зачестиле во 1944 година.
-Затоа отидовме во Драчево да живееме. Таму неколку дена пред ослободувањето имаше партизани па бевме безбедни. Сепак, татко ми во неделата на 13 ноември заминал за Скопје. На мајка ми Јованка само ѝ рекол дека „ќе го изеде помрачина“, вели Михајло.
Според него, Светислав едно време работел во Дизел-централата под Кале каде работел и Перо Чрвенков, кој исто така беше стрелан.
-Кога доаѓал дома татко ми видел дека Камениот, Новиот и Железниот мост се минирани. Германците под нив поставиле авионски бомби кои биле поврзани со кабли со Дизел централата. Верувам дека заедно со Чрвенков успеале да ги пресечат или да го онеспособат детонаторот. Како и да е, татко ми дошол во куќата каде два пати доаѓале Германците. Тие барале партизани, но првиот пат успеал да се спаси поради германскиот јазик. Вториот пат не успеал. Тогаш на мојот тетин му оставил писменце „Стевчо, ако погинем припази на децу“.Kако што ми раскажувале, тој и останатите биле штит кога Германците преминувале по Kамениот мост додека се повлекувале. Дали Германците бесни поради тоа што не им успеало да ги минираат мостовите или чисто од обест, ги собрале луѓето и ги однеле во ходник карши Ибни Пајко кај кафеаната „Орловац“. Таму на спратот живеше познат глумец чика Пера Јовановиќ, Србин со жена му Ружица, исто така актерка, но они биле скриени во подрум. Он слушнал гужва во ходникот и излегол да види што е, па и него по папучи го зеле Германците. Кон мостот тргнале десетмина, но еден Рус, Белогардеец што избегал по Октомвриската револуција, се онесвестил пред да пукаат и останал жив. Бил онесвестен цела ноќ и кога се освестил ги видел деветмината стрелани, вели Михајло.