Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас изразија жалење за одлуката на Европскиот Совет предизвикана од францускиот став и се согласија дека двете земји ќе направат сѐ што е потребно за да се донесе позитивна одлука во скорешна временска рамка, за да се овозможи земјата забрзано да продолжи напред по европскиот пат.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, на која присуствуваше и шефот на дипломатијата Никола Димитров, беше истакната исклучителната соработка меѓу двете земји, која е особено значајна во делот на поддршката на СР Германија на пристапувањето на нашата земја во членство во ЕУ.
Премиерот Заев истакна дека Северна Македонија постигна голем напредок во последните две и пол години, како резултат на посветената работа на институциите и граѓаните, но секако и со голема поддршка и помош од Германија.
Двајцата соговорници се согласија дека сега се потребни вистински чекори од страна на ЕУ за земјата да продолжи уште побрзо на вистинскиот пат за да се обесхрабрат центрите кои се надеваат на национализам и радикализам.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев нагласи дека земјата е силно посветена на Берлинскиот процес, и дека тековната иницијатива за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан е комплементарна со целите и активностите во рамките на Берлинскиот процес.
– Од посебно значење на Северна Македонија е големото учество на СР Германија во македонската економија, преку програмите за странски директни инвестиции со што се отворени многу работни места. Вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна близу 4 милијарди евра, а во земјата работат 200 компании со германски капитал. Од суштинско значење е и одличната соработка со германската стопанска комора во нашата земја, и нејзината поддршка на програмите за стручно образование, рече премиерот Заев на средбата.