На 12 ноември 2019 година, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции. Притоа, беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, од почетокот на годината, постојано придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања. Во вакви услови, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25% и на аукцијата на благајнички записи на 13 ноември 2019 година да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари, односно ист износ како износот што достасува.
Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, по растот на економијата од 3,6% во првата половина на годината, високофреквентните податоци за економската активност расположливи за третиот квартал главно упатуваат на натамошен раст на економската активност, при поповолни поместувања во индустријата, трговијата и градежништвото.
Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите десет месеци од годината изнесува 0,9%, при очекувана инфлација од 1% за оваа година и урамнотежени ризици.
Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, согласно со очекуваната патека во рамки на октомвриските проекции.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните деловни банки се задржа на релативно стабилно и високо ниво, поради што тие и натаму имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Вишокот слободни денарски парични средства и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.
На девизниот пазар движењата се одликуваа со умерено пониска понуда на девизи, којашто произлегуваше главно од корпоративниот сектор и придонесе банките, по пауза од три месеци, во октомври повторно на нето-основа да продаваат девизи за нивните клиенти. Ваквата нето-позиција на банките во трансакциите со нивните клиенти услови понизок месечен обем на интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од пазарот.
Оптимизмот за решавање на трговскиот спор помеѓу САД и Кина во октомври, поврзан со постигнувањето согласност за „првата фаза” на трговскиот договор, придонесе за зголемена склоност за преземање ризик на меѓународните финансиски пазари. Следствено, инвеститорите се насочија кон поризичните финансиски инструменти што доведе до пораст на нивните цени, додека безбедните финансиски инструменти забележаа пад на цените, односно повисоки приноси. И покрај овие пазарни случувања, финансиските аналитичари, но и релевантните меѓународни институции, како што се ММФ и Европската комисија), и натаму имаа согледувања за присуство на надолни ризици за светскиот економски раст. Во такви услови, централните банки на најголемите светски економии и натаму спроведуваат олабавувачки монетарни политики. Имено, ЕЦБ ја задржа тековната поставеност на монетарната политика, а на состанокот на ФЕД, во согласност со очекувањата на учесниците на меѓународните финансиски пазари, беше намален целниот распон на каматните стапки за 25 базични поени, во распон од 1,5% до 1,75%.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, како и ризиците од домашниот контекст. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.