Пожарникарите и натаму се борат со шумските пожари во Австралија, а властите наредија итна евакуација на најзагрозените лица, вклучително и оние од крајбрежните туристички дестинации.
Топлите, суви и ветровити услови предизвикаа опасност од пожари во Квинсленд. Денеска беа утврдени над 60 жаришта, од кои четири критични.
Околу 1.500 пожарникари се на терен и се борат со шумски пожари низ целата земја, а на жителите во повеќе градови им е издадено предупредување за итна евакуација.
Предупредување е издадено и за Нуса норт шор, популарна дестинација за одмор на околу 150 километри јужно од Бризбејн.
„Чамците се во вода и се подготвени за поаѓање“, изјавил жителот Дејв Рајт за австралискиот ААП.
Противпожарните служби издадоа итно предупредување и за градот Пичеј.
Таму се урна и противпожарен хеликоптер во обид да го изгасне пожарот, објави австралиски Еј-би-си. Пилотот преживеал со полесни повреди.
Четиринаесет куќи во Квинсленд се уништени од крајот на минатата недела кога избија пожарите, поради што локалните власти прогласија вонредна состојба во 42 локални области.