Најмалку 10 лица загинаа во немирите што беснеат во Боливија од 20 октомври, изјави директорот на боливискиот Институт за судска истрага, Андрес Флорес, објави весникот „Ел Дебер“.
„На национално ниво, ИСИ испита 10 тела. Во осум случаи, прострелните рани биле причина за смртта“, рече тој.
Претходно, мекисканската радио-станица „Нотисиас МВС“, повикувајќи се на информации од Канцеларијата на комесарот за човекови права во Боливија,соопшти дека најмалку 508 лица се повредени и осум убиени од избувнувањето на протестите на 20 октомври.
Вкупно 39 лица се повредени како резултат на постапките на полициските службеници, додека 469 се здобиле со повреди во судирите со цивилите. Вкупно 460 лица се приведени во различни региони во земјата.
Претседателските избори во Боливија се одржаа на 20 октомври. Според Врховниот изборен суд, актуелниот претседател Ево Моралес победи во првиот круг. Неговиот главен конкурент Карлос Меса изјави дека не ја признава победата на Моралес.
Откако беа објавени резултатите од изборите, започнаа големи протести и штрајкови низ целата земја.
На 10 ноември, Моралес ја објави својата оставка опишувајќи ги случувањата во неговата земја како државен удар. Два дена подоцна, тој отпатува за Мексико, каде што доби политички азил. Истиот ден, вториот потпретседател на боливискиот Сенат, Жанин Ањез, се прогласи за привремен претседател и вети дека ќе ги одржи следните претседателски избори што е можно поскоро.