Во Националната опера и балет, синоќа, по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Петре Шилегов свечено им ги додели наградите на годинешните добитници, нашите сограѓани коишто со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок.
Од областа на науката наградата ја доби проф. д-р Христина Спасевска – професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии „Универзитет Свети Кирил и Методиј“- Скопје за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“.
Од областа на хуманитарната активност наградата ѝ беше врачена на д-р Жикица Ѓорѓиевски, по професија стоматолог за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик.
Д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, ја доби наградата од областа на културата за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.
Наградата од областа на уметноста ја добија Фросина Зафировска, кустос советник во пензија, за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и Бисера Чадловска, диригент, за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.
Од областа на публицистиката наградата ја добија Ерина Богоева, фотограф, за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ и Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист
за значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со објавувањето на книгата “Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.
Од областа на спортот наградата му беше врачена на карате клубот „Работнички“- Скопје, за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план.
За истата област награда доби и Алили Бесир, за освоено прво место на Европското првенство во борење за кадети.
Награда им беше врачена и на учениците Ана Марија Атанасовска и Стефан Стојковиќ од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “ за постигнати резултати во воннаставни активности и за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.
Во рамки на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“.