Специјалното јавно обвинителство и власта ја уценуваа ВМРО-ДПМНЕ со отворените истраги на СЈО во замена за гласање на промени на Уставот и престанок на отворените критики кон владата.Ова го истакна Антонио Милошоски во емисијата „Само Вистина“ на телевизијата Канал5, кој додаде дека и врз него лично имало доста притисоци.
– Преку луѓето кои беа ангажирани како наши правни застапници испраќаа пораки дека „доколку намалите со критика и гласате за уставните промени, доколку бидете соработливи за одредени прашања кои се битни за власта да поминат со двотретинско мнозинство, СЈО нема да ве тормози со било какви основани или неосновани случаи“, рече Милошоски.
Пратеникот рече и дека застарувањата не се случајни и оти се сомнева дека постои некој таен, позадински договор помеѓу одредени влијателни актери во државата, вклучувајќи го тука и самиот прв човек на Владата, но и оние кои претходно биле влијателни на таа позиција, некој премолчен договор да не се стигне можеби до целосната вистина по одредени случаи.
-Инаку, како поинаку ние би го разбрале сведочењето на господинот Верушевски кој беше прв соработник, и уште е, на господинот Заев и беше човекот кој ги имаше на располагање тие прислушкувани материјали, кога на едно од последните рочишта кажа дека голем дел од тие материјали биле компромитирани, истакна тој.
Милошоски оценува дека оваа изјава на Верушевски е дадена наменски за да му помогне некому.
-Една година јавноста е во исчекување да види каде е извештајот од МВР и ЈО за тоа како се случи поранешниот премиер да биде недостапен и да не биде веќе присутен во земјата. Откако се случи тој настан кој предизвика голема бура, турбуленции критични кон самата власт, премиерот, министерот за внатрешни работи и ЈО кажаа дека „работиме на случајот и во најскоро можно време ќе излеземе со извештај за тоа што се случило и како се случило“, истакна Милошоски.