Северна Кореја денеска соопшти дека САД предложиле продолжување на нуклеарните разговори во декември, со оглед на тоа дека се приближува крајниот рок утврден од лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун за администрацијата на Доналд Трамп да понуди прифатлив договор за зачувување на разговорите.
Во изјавата објавена од државните медиуми, севернокорејскиот преговарач Ким Мјонг Гил не објасни дали Северна Кореја ќе ја прифати наводната понуда на САД. Тој рече дека Северна Кореја нема интерес за разговори ако тие се фокусирани на купување време без да зборуваат за решенија.
Ким Мјонг Гил вели дека Северна Кореја не е подготвена да склучи договор за прашања од секундарно значење, како што е можна понуда на САД официјално да го прогласи крајот на Корејската војна од 1950-53 година, која беше запрена со прекин на огнот, наместо со мировен договор или формирање канцеларија за врски меѓу државите.
– Ако е можно преговарачко решение, ние сме подготвени да се сретнеме со САД каде било, во кое било време, рече Ким Мјонг Гил, кој го повика Вашингтон да изнесе темелно решение за отфрлање на својата „непријателска политика” кон Северна Кореја.