Работата на Дирекцијата за заштита на лични податоци пред блокада

Политичките надмудрувања на најголемите политички партии во Парламентот, несакањето и неможноста да се најде компромис за главен ревизор и повеќе други раководни функции го доведуваат во прашање функционирањето на Државната ревизија, пред блокада е Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), а граѓаните и невладините организации не можат да ги остварат своите права по основ на добивање информации од јавен карактер или дискриминација. Испразнети или треба да се пополнат местата и во други тела како АВМУ, МРТВ…, но за тоа треба да се состане собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во која мнозинство немаат ниту владејачките партии, ниту опозицијата.

За ваквата состојба власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат, но најмногу обвинувањата одат на сметка на претседателот на Комисијата Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за незакажување на седници. Сепак, последните три пати седницата на Комисијата беше прекината на барање на пратеници од мнозинството.

Парламентарците направија и обид за договор за нов состав на комисиите и другите собраниски тела по формирањето на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа не успеа.

Според последните информации од Парламентот вчера е направен нов обид за состанување на Комисијата за да се избере главен ревизор, но би се отвориле и сите други заостанати прашања на дневен ред. Сепак, се уште е неизвесно кога и дали тоа навистина ќе се случи.

Премногу долгото одолговлекување на изборот на раководни кадри во овие институции и комисии предизвика сериозни импликации како по работата на институциите, така и во остварување на правата на граѓаните. Од особена важност е да се потенцира и веројатноста за негативни оценки од страна на Европската комисија како во делот на политичкиот дијалог така и во делот на човековите права. И тоа во период кога земјата се уште очекува датум за почеток на преговори.

Ревизија остана и без в.д., Дирекцијата за заштита на лични податоци пред блокада

Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) е без директор шест месеци, по оставката на Горан Трајковски, а заменик-директор требаше да добие пред 2,5 години. Институцијата е без овластен претставник кој би ја претставувал и застапувал. Со неможноста ДЗЛП да ги извршува своите надлежности целосно се доведува во прашање остварувањето на ефективната заштита на правото на приватност и заштита на лични податоци кои се загарантирани со Уставот. Но, како што предупредуваат експерите исто така многу е голема веројатноста, неизвршувањето на законските надлежности од страна на ДЗЛП да резултира со негативна оценка од страна на Европската комисија во делот на остварувањето на човековите права, која може да е аргумент повторно да не добиеме датум за преговори на Самитот на ЕУ во Загреб во мај 2020 година.

Маријана Марушиќ Кос, која беше прв директор на Дирекцијата по основањето, а во моментов работи како адвокат, во изјавата за МИА потенцира дека без директор, ДЗЛП не може да ги извршува своите надлежности утврдени со закон, не може да дава мислења по однос на законските решенија во кои се уредува обработката на личните податоци, не може да издава одобренија за пренос на лични податоци и одобренија за обработка на податоци, ниту пак да спроведува обуки.

-Воедно, ДЗЛП не може да ги врши ниту редовните инспекциски надзори. Заради ваквата неактивност на ДЗЛП, обработката на личните податоци не е правно заштитена, со што се доведува во прашање остварувањето на правото на приватност и заштита на лични податоци на нашите граѓани. Сосема логично, ДЗЛП без директор ниту може да ја спроведе програмата за работа за 2019 година, ниту пак да ја донесе новата програма за 2020 година, посочува таа.

Состојбата е уште посложена, потенцира Марушиќ Кос, ако се има предвид и фактот дека претстои донесувањето на новиот Закон за заштита на личните податоци во кој ќе биде транспонирана Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европската унија.

-Имено, без директор, дури и да биде донесен законот до крајот на оваа година, ДЗЛП нема да може практично да го спроведува овој закон, ниту да ги донесе подзаконските акти кои ќе произлезат од новиот закон. Во услови на масовна дигитална размена и обработка на лични податоци ова е сериозен проблем, вели Марушиќ Кос.

Многу е голема веројатноста, неизвршувањето на законските надлежности од страна на ДЗЛП, како што вели, да резултира со негативна оценка од страна на Европската комисија во делот на остварувањето на човековите права.

-Имајќи предвид колку големо значење се придава на почитувањето на правото на приватност во рамки на Европската унија, ваквата негативна оценка може да е аргумент повторно да не добиеме датум за преговори на Самитот на ЕУ во Загреб во мај 2020 година. Затоа, највисокиот законодавен дом мора да изнајде начин за да се надмине оваа блокада, да избере директор и заменик директор на ДЗЛП, со што ќе и овозможи на институцијата нормално да ги извршува надлежностите и да ги задржи досегашните позитивни оценки дадени од страна на ЕК, посочува Марушиќ Кос.

Елена Стојановска од Фондацијата Метаморфозис, која е член на работната група за новиот закон за заштита на личните податоци предупредува дека постапката за негово носење многу се одолговлекува и оти наместо за кадровските прашања, очекувала сега тема да биде токму тоа.

-Всушност немањето директор и заменик – директор на една институција чија што основна надлежност е заштита на едно човеково право е поголем проблем од тоа што нас ни се чини, вели Стојановска. Утре, вели таа, да биде донесен новиот закон, што всушност е усогласување со новата регулатива, нема кој да го спроведува и кој да ги едуцира сите други како треба сето тоа да се прави.

Според неа, постојат повеќе проблематични аспекти. ДЗЛП, вели таа, не може да извршува инспекциски надзор, а тоа практично значи дека шест месеци не спроведуваат плановите за редовен надзор.

-Она што и останува на Дирекцијата е да врши вонредни надзори по пријава на граѓани. И ова го отвора прашањето што всушност се случува на полето на заштита на личните податоци кога никој не доаѓа во надзор, и што се случува во приватниот сектор па и во институциите кои обработуваат податоци од сите нас. Многу е важно дека Дирекцијата долго време се бореше да стане важен чинител во носењето на новите закони, а тоа значи предлагачите на новите закони задолжително да ги доставуваат до Дирекцијата за да добијат мислење дали одделен закон е во согласност со принципите на заштита на личните податоци, вели таа.

Стојановска истакнува дека сега и оваа активност стои бидејќи мислењето нема формално правно кој да го издаде од Дирекцијата.

 

-И она што како трето, што го сметам многу важно е кревање на јавна свест и континуирана работа во смисла на обука за спроведување и на бизнис секторот и на државните институции за законот за личните податоци. Ние сме веќе на прагот на усогласување со Општата регулатива за заштита на личните податоци. Законот можам да кажам дека веќе е во многу голема мера усогласен. Се плашам дека никој нема да биде подготвен за негова примена кога тој ќе биде донесен. Овие шест-седум месеци можеа да се искористат за едукација и подготовка на сите засегнати страни, вели Стојановска.

И таа како и Марушиќ Кос смета дека сето ова ќе има големо негативно влијание во однос на оценките од ЕК во делот на поглавјето 23. Станува збор за институции кои треба да штитат основни човекови права според Уставот, посочува Стојановска, а овие институции нема да можат да достават ниту годишни извештаи за работата, а со тоа навлегуваме и во делот на отчетноста на институциите.

Ограничена или намалена можноста за добивање информации од јавен карактер

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е уште една од институциите кои не може да ја врши својата работа, но состојбата се комплицира по повеќе основи.

Оваа Комисија е една од оние институции кои ги засегаат човековите права, правото на информираност загарантирано со Уставот. Работата на Комисијата треба да продолжи согласно нов закон, кој не може да почне да се применува поради не екипираност на Комисијата, која треба да прерасне во Агенција.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека политичките партии морале досега да постигнат компромиси за сите „обезглавени” институции особено што се работи за надзорни и независни тела и комисии. Немањето на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер веќе две години, според Филков, е недопустиво.

-Имајќи предвид дека станува збор за надзорни и независни тела, комисии и институции, мислам дека не смееше ова да се дозволи, уште помалку што некои веќе немаат директори, значи овој проблем тлее две години. Мислам дека како што се наоѓа компромис за многу други работи, прво, требаше да се најде компромис за овие прашања, ако има искрен пристап и од власта и од опозицијата, вели Филков.

Неименувањата и непополнувањата во овие важни институции, според него, ќе се одрази негативно и ќе биде нотирано како проблем во извештајот на ЕК, но поважно е што граѓаните не можат да остварат дел од граѓанските човекови и уставно загарантирани права.

 

-Правото на информирање е уставно загарантирано право, се става во корпусот на човекови права. Немањето Комисија повеќе од две години мислам дека е недопустливо по повеќе основи. Одамна укажуваме дека како што ќе се одложува решавањето на проблемот така тој ќе се продлабочува. Комисијата не функционира. Законот важи до 30 ноември, треба да почне примена на новиот, но во него се вели дека агенцијата почнува со работа со именување на директорот. Сето тоа е под знак на прашање. Имаме уште 18 дена да се случи. Не се случи две години, не гледам како ќе се случи во следните 18 дена, потенцира Филков.

Ова право на пристап до информации го користат и новинарите и Граѓанските организации. Тоа, додаде тој, е сериозен инструмент во нашите раце за истражување и за мониторинг врз работата на јавните институции.

– Во тој дел сме оневозможени. Знаејќи дека нема Комисија и жалбите се загалавени. Голем дел од институиците не одговараат на барањата за слободен пристап, вели Филков и додава дека кога Комисијата функционирала нормално, тие имале жалби за 10 отсто од испратените и неодговорени информации, сега таа бројка изнесува 30 отсто.

Институциите, нагласува Филков за МИА, не соработуваат до крај бидејќи нема кој да решава за нив.

Треба да знаете
Последни објави