Најдоцна до крајот на годинава се очекува да биде потпишан гранскиот колективен договор за администрација, за што веќе подолго време преговараат Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација.
– Ние долго време сме блиску до договор, но никако да го потпишеме. Морам да дадам и признание, што не ми одговара, дека не сакаат да потпишат што било и се борат за нивните права до крај. Затоа можеби трае дијалогот подолго време. Следната недела на оваа тема ќе имаме средба во Владата и мислам дека ќе можеме да најдеме некакво заедничко решение, но да не прејудицираме. Финансиските можности во државата се онакви какви што се и правиме напори да излеземе во пресрет на се она што се бара, изјави министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски по денешната годишна конференција на Синдикатот на УПОЗ.
И од Синдикатот се надеваат дека наскоро ќе го заокружат процесот на преговарање со потпишување на колективен договор.
Во однос на платите во администрацијата, од УПОЗ предлагаат платите да го следат порастот на просчената плата во државата со сегашната утврдена вредност на бодот.
– На овој начин, доколку дојдеме до договор, мислам дека ќе го решиме проблемот со незадоволство кај администрацијата, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.