ЕУ повика на итно затворање на кампот за мигранти „Вучјак“ во БиХ

Европската унија повика на итно затворање на кампот за мигранти „Вучјак“ во Босна и Херцеговина и релокација на мигрантите на локации со адекватно сместување.

Во Европскиот парламент беше одржана расправа за мигрантската ситуација во БиХ, на која финската министерка за надворешни работи, Тити Тупураинен, изрази загриженост од тоа што постоечките капацитети за прием во БиХ во голема мера се недоволни.

„За жал, и покрај спремноста на ЕУ да ја пружи потребната финансиска поддршка, владата не додели нови локации ниту, пак, предложи постоечки локации за дополнителни приемни центри“, рече таа.

Еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, оцени дека условите во кампот „Вучјак“ се неподносливи.

„Не можеме да прифатиме непрекинат трансфер на мигрантите и бегалците на сосема непримерна локација односно во ‘Вучјак’, каде тие се изложени на сериозен ризик поради недостиг на вода, лоши санитарни услови и немање заштита“, рече тој и порача дека ЕУ нема да додели финансиска помош за оваа локација.

Треба да знаете
Последни објави