Полицаец сведочеше за гласачите од Пустец: Ги барал на три адреси, но не ги нашол

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ сведочеше полицаецот Агрон Кранлиевски вработен во полициска станица во Ресен. Тој раскажа како жители од Пустец, Албанија, се нашле на избирачкиот список за изборите во 2013 година, а не живееле во Ресен, пишува Фокус.

-Во 2012 година за проверка ми беа дадени повеќе од 100 луѓе на три различни адреси. На адресата на Љупчо Поп Гошев, ул. Мите Богоевски беа наведени дека живеат 45 граѓани. При првата проверка ниту едно од лицата не беше на наведената адреса. Втората адреса беше на улица Борис Кидрич, во стан, каде што беше пријавено дека живеат од 25 до 30 луѓе. И тука при проверката немаше ниту едно лице, како и на третата адреса каде исто беше пријавено дека живеат од 25 до 30 луѓе. Добив наредба уште два пати да направам проверки но повторно немаше никој, рече сведокот.

Обвинетиот пратеник Илија Димовски се обиде да го дескридитира сведокот, па го праша дали е точно дека бил во блиски релации со високи функционери од сегашната власт. Судијата Осман Шабани не го дозволи прашањето по приговор на обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи не е вкрстено, односно не произлегува од дадениот исказ на сведокот.

Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

Треба да знаете
Последни објави