Штетата што може дезинформациите и несвесноста за тоа што го читаме да влијае на возрасните е голема, може да се одрази во примање погрешни пораки или носење погрешни одлуки од секојдневен живот, да згрешиме при гласање и така натаму, но штетата на тинејџери и на млади луѓе во користењето социјални мрежи може да биде уништувачка и трагична бидејќи тие гледаат и креираат невистински слики за тие што ги следат, за луѓето што им се некаков водич и затоа медиумската писменост е исклучително важна особено за тинејџерите и младите, нагласи денеска Жанета Трајковска, директор на Институтот за комуникациски студии.
Таа посочи дека треба медиумската писменост да се вметне во образованието, дури и за децата од најмала возраст, нагласувајќи дека нивната реалност е различна од реалноста на возрасните.
– Тие живеат во друг свет. Нас ни личи дека знаеме за она што им се случува на младите, денеска дебатата покажа дека баш не знаеме, дел од нив не ни користат социјални мрежи, се борат против тоа, многу јасно знаат дека не го сакаат „Фејсбук”, а повеќе го сакаат Инстаграм, за разлика од постарите кои повеќе се на „Фејсбук”, образложи Трајковска.
Директорката на Институтот посочи дека дебатата покажала оти интересот на средношколците за медиумската писменост е навистина голем.
– Имаше многу прашања и прашањата беа доста содржински и критични. Од друга страна, мене лично ме изненади бесот и незадоволството кое овие млади луѓе го покажуваат, тоа значи дека немаат доволно можности каде можат да комуницираат и да дебатираат, посебно со повозрасните, посебно со тие кои можеби им го креираат светот и нели тоа што постарите го креираат младите го живеат и покажа една сериозна потреба да се продолжи овој дијалог, рече Трајкоска.
Таа истакна дека стратегијата на Институтот е да ја поврзат медиумската писменост со реални проблеми и реални содржини, да не се доведуваат само на теоретско ниво – што значи медиумска писменост, туку да го поврзат со одредена работа.
– За нас медиумската писменост е една поширока рамка која има различни типови на информации, но ги одбравме дигиталната писменост и писменоста за вести заради тоа што сметаме дека тоа е многу важно, особено на социјални мрежи, затоа што имаме многу онлајн портали во земјата кои не се потпишани, за кои не знаеме кој е уредник, кои немаат автор, новинарот не постои, наведе Трајкоска.
Таа потенцираше дека за нив особено е важно да работат со млади луѓе особено во делот со развивање критички вештини.
– Сите ние сме постојано на медиуми и на социјални медиуми и сметаме дека младите се под поголемо влијание и под поголем притисок, имајќи ги предвид сите работи што ни се случуваат. Притисокот што е на социјалните мрежи – да бидеме перфектни, секогаш да имаме перфектен живот, но и да имаме содржини што несекогаш имаат допир со нас. Од друга страна пак она што е притисок на социјалните мрежи е во делот на можеби малку пропаганда, малку маркетинг, малку конзумеризам, малку повеќе да веруваш во нешто што не е баш вистина затоа што е многу поблиску до некаква си бајка, отколку до реалноста, заклучи Трајкоска.
Таа наведе дека веќе осум години работат со средните училишта и го издаваат весникот „Медиум”, што има своја веб страница и има свој инсерт, додаток во дневен весник.
– Се обидуваме да работиме со сите средни училишта, тоа значи дека тој весник е направен и е создаден од ученици и е создаден за оние што пишуваат за својата околина за своето секојдневие, за проблемите, за луѓето кои сакаат да се интервјуираат, функционира буквално како еден мал весник, наведе директорката.