Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот на ПИО Шаип Зенељи денеска се сретнаа со пензионерите во Штип со кои разговараа за зголемувањето на пензиите и други актуелни прашања. Министерката лично ги информираше за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година кое ќе изнесува околу 900 денари со пресметаните дополнителни усогласувања.
„Ова е најголемо покачување во последните 20 години. Од почетокот на следната година секој пензионер ќе добива дополнителни 700 денари, со новото законско решение со кое пензиите ќе пораснат согласно со растот на платите во државата. Со усогласување на пензиите со трошоците на живот пензионерите ќе добијат и дополнителни 160-200 денари. Што значи пензиите само во 2020 ќе се зголемат за 900 денари“, рече Царовска на средбата во Штип.
Царовска истакна дека пензиите се покачуваат во време кога дефицитот на ПИОСМ е намален, а растот на приходите кои се слеваат во Фондот расте. Дополнителниот раст на пензиите е систематско решение. Конкретно, растот на пензиите ќе го следи покачувањето на минималната и на просечната плата во државата. Покачувањето се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите.
„Во години на раст на минимална плата над 15%, и на раст на просечна плата за 5%, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5%“, рече Царовска.
Речиси 44% од пензионерите во државата земаат пензија под 12.000 денари. Дополнителните 700 денари ќе значат најмногу токму за овие наши сограѓани. Секој заслужува достоинствен живот. На средбата во Штип присуствуваа и градоначалникот на Штип Благој Бочварски, претседателката на Сојузот на здрженија на пензионери Станка Трајкова и Ристо Нетков, претседателот на штипското здружение на пензионери.