Еве јас го прашав еден од нападнатите, Дејан Андоновиќ, што всушност се случило синоќа. Дали викале „Уа Влада“ во кафана? Андоновиќ ми е колега во „Слободен печат“ и ме информираше дека целата приказна за напад на новинари, критичари, нема врска- вели Ана Анастасовска новинар во Слободен Печат.
Луѓето биле во кафеана, излегле од кафеаната, некој од оние „фраери“ што во последно време често се среќаваат на скопските улици, возел 200 на саат, ќе ги изгазел за малку, по што еден од новинарите изреагирал, му довикнал, и тоа било доволно за скопскиве насилници да застанат, и сите петмина да излезат од бесното БМВ и да ги нападнат. Значи колегите наши не биле нападнати како новинари, туку како обични граѓани. Дечките сигурно поим немале дека тројцата се новинари, уште помалку дека се некакви критичари на власта. Ги нападнале за да испаднат мангупи, демек кои сте вие нас да ни кажувате што даправиме и да не пцуете.
Приказната е таа. Страшно е што во последно време Скопје стана див запад и што никој не контролира што се случува по улиците. Млади, агресивни типови кои често носат и оружје изиграваат шерифи, а никој не ги сопира. Они имаат пари, имаат моќ и никој ништо не им може. Така се однесуваат. Збеснати мамини и татини синови. Македонија станува опасно место за живеење, но не заради тоа што се напаѓаат новинари, бидејќи во случајов немаме такво нешто, туку затоа што хаосот владее по улиците. Да ти е страв на некој нешто да му кажеш, не знаеш дали ќе извади нож или пиштол, дали ќе те нападне или не дај боже да те убие.