„Со полиција и насилство нема образование” е слоганот под кој студентите во Грција, преку социјалните мрежи се организираат за денешниот протест закажан за напладне во Атина, како поради инцидентите во понеделникот во дворот на Економскиот факултет, така и поради владините промени во образовниот систем и укинатиот студентски имунитет, јави дописничката на МИА од Атина.
На околу 25 факултети од цела Грција, по состаноците на студентите, од вчера па сѐ до 17 ноември, нема да се одржуваат предавања, а просториите се под опсада.
Одлуката на студентите дојде по последните случувања во дворот на Економскиот факултет во Атина, но и во рамките на студентските активности против последните промени во законите за образование кои ги изгласа грчкиот Парламент. Според информациите во Грција, затворени се околу 15 факултети во Атина и неколку во останатите грчки градови.
Студентите во изминатиот период одржаа и низа демонстрации против промените во постдипломските студии, против изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од Универзитетите, но и против укинатиот студентски имунитет, а за утре напладне, закажаа нов протест во центарот на Атина.
Инцидентот и судирот меѓу полицијата и група млади лица што во понеделникот се случи во дворот на Економскиот факултет во Атина, беше причина и за остри критики, обвинувања и конфронтација меѓу владата и опозицијата во Грција, но и реакција од студентите.
Последните случувања во Грција предизвикуваат загриженост, со оглед на тоа дека се на само неколку дена од годишнината од студентскиот бунт против хунтата, што секоја година на 17 ноември се одбележува со протест кон амбасадата на САД во Атина, а доста често завршува со инциденти. Токму затоа, оваа година, се очекува да има строги безбедносни мерки.