„Топла клима и насмевки на средбата Мицотакис-Заев во Солун”, „Заев го покани Мицотакис во Скопје”, „Зоран Заев: За нас не постои алтернатива од целосно членство во НАТО и ЕУ”, „Заев го покани Мицотакис во С. Македонија”, „Иницијативи на Мицотакис за Балканот”, „Мицотакис-Заев: Преспа, македонските производи и поканата”, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашната средба на премиерите на двете земји, за која велат дека траела 40 минути и поминала во добра клима, јави дописничката на МИА од Атина.
Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на македонскиот премиер по средбата, а акцентот го ставаат на упатената покана до Мицотакис да го посети Скопје, но и на иницијативите што планира да ги преземе претседателот на грчката Влада во однос на ЕУ перспективата на земјите од регионот.
– „Многу конструктивна” ја карактеризираше премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев средбата што ја имаше со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на маргините на Самитот во Солун 2019. Говорејќи пред новинарите по неговата средба со грчкиот премиер, господинот Заев, меѓу другото, спомена дека во фокусот на разговорите се нашле европската иднина на неговата земја и пошироко на Западниот Балкан, од аспект на случувањата на последниот Европски совет, текот на имплементирањето на Договорот од Преспа и билатералните економски односи, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Информативниот портал „Њузит” наведува дека Мицотакис му ветил на неговиот колега дека ќе му пристапи на Емануел Макрон со цел да се омекнат неговите спротивставувања и францускиот претседател да каже „да” за пристапниот тек на двете балкански земји. – Грчкиот премиер ќе преземе иницијативи за стабилноста на Балканот, како што рече и на средбата со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, пишува порталот.
– Заев истакна дека неговата земја ќе го имплементира Договорот од Преспа, а го покани Мицотакис да ја посети Северна Македонија и изрази надеж дека ова ќе се случи набргу, но и дека до крајот на годината ќе има посети на Скопје на министри од грчката Влада, пишува онлајн изданието на весникот „То Вима”.
Паралелно, медиумите во Грција го пренесуваат и соопштението од кабинетот на Мицотакис, со оглед на тоа дека грчкиот премиер, по средбата, не даде изјава за медиумите.
На насловните страници на денешните изданија на грчките весници една од централните теми е вчерашната промоција на ознаката за грчките производи од грчката област Македонија.
Во однос на изгледот на ознаката, односно слоганот „Macedonia the GReat” и буквата „М” како ознака, испишани со бело на сина позадина, дел од онлајн изданијата на медиумите во Грција ги пренесуваат реакциите на Грците на социјалните мрежи, кои коментираат дека ознаката потсетува и е речиси иста со знакот на владејачката партија Нова демократија.