Министерката за правда, Рената Дескоска, на прес-конференција ја повика антикорупциската комисија да го испита имотот на судиите и обвинителите како прв чекор кон проверка.
Дескоска рече дека не може за судството да се разговара само кога се во прашање парите.
-Слушавме за примери во кои судски доставувачи возат подобри автомобили од некои судови, слушаме за бизнис-зделки меѓу судии обвинители и адвокати и за тоа очекуваме реакција и од Обвинителството и од Судскиот совет. Но, за жал, гласот од редовите на судството го слушаме само кога станува збор за распределбата на пари. Судската власт има најмала доверба во јавноста и има најмалку легитимитет да говори за покачување на платите, оцени таа откако денеска судската администрација излезе на протест за додатоците на плата.
Taa ги нападна судиите, претседателите на судиите и обвинителите на денешната прес-конференција по протестите на судската администрација, незадоволни што добија помало зголемување на додатоците на плата од судиите. Таа го издвои претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, кој даде поддршка на протестот на вработените во неговиот суд.
-Видовме дека претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев дава поддршка на они кои протестираат во неговиот суд. Лесно е да дадете поддршка на луѓе кои протестираат за средства. Многу е потешко да протестирате за морални вредности. Искрено очекувам Џолев да излезе со протест, со влијание врз неговите колеги, зошто некои судења не се закажуваат три месеци и зошто застаруваат предмети во неговиот суд. Тие прашања ги интересира јавноста, изјави Дескоска.