Над 25.000 наши граѓани починале прерано изминативе осум години поради загадениот воздух што го дишеме, институциите не ни функционираат, живееме со затворени прозорци поради токсичниот чад што се шири и ни го зема здивот, порачаа претставници на здружени граѓански организации и иницијативи на средбата со претседателот Пендаровски.
Како што велат од таму, претседателот е последната надеж во долгиот синџир институции до кои се обратиле во својата долгогодишна борба за правото на здрава животна средина.
„Се соочивме со некоординираноста и недоволна активност на централната власт како во повикувањето на локалната самоуправа да ги спроведе активностите доделени со децентрализацијата така и во исполнување и спроведување на законските одредби на централно ниво. Немањето поддршка од МВР ја поткопа довербата дека е сојузник во решавањето на проблемот“, се наведува во соопштението на „О2 иницијатива“.
На средбата со претседателот претставниците на здруженијата изнеле неколку барања и очекувања:
– официјализирање на кризaта со загадениот воздух и прогласување вонредна состојба;
– загадувањето и климатските промени да се третираат и класифицираат како закана и ризик за националната безбедност и да преминат од еколошки во безбедносен проблем;
– претседателот како адвокат на граѓаните и потписник на буџетот да влијае врз значително зголемување на расходите за заштита на животната средина и намалување на загадувањето;
– решавање на проблемот со увозот на отпад и немањето потребна контрола при влезот во нашата држава;
– Шар Планина да се прогласи за национален парк во најитен можен рок бидејќи процесoт трае повеќе од 20 години, а уништувањето продолжува;
– да престане изградбата на мини хидроцентрали, кои имаат негативно влијание врз реките;
– РЕК „Битола“, најголемиот индустриски загадувач, да добие А-дозвола за усогласување со оперативен план до крајот на годинава;
– формирање фонд за животна средина, како предизборно ветување на СДСМ во владината програма;
– носење на законот за комунална полиција и утврдување на причините за застојот;
– утврдување дали постои недозволена продажба на старите хемикалии од кругот на ОХИС.
Здруженијата информираат дека претседателот Пендаровски покажал отвореност за нивните барања, но велат дека доколку во најкраток рок нема конкретни резултати, како граѓански активисти ќе ги искористат сите демократски права во борбата за заштита на уставно загарантираното право на здрава животна средина.