Ветинг во судството по изборите, но преку „брза трака“
И покрај политичкиот консензус во државата за суштински реформи во правосудството, каде како предводник се смета премиерот Зоран Заев, ветингот на судиите е одложен за по завршување предвремените парламентарни избори. Иако премиерот Заев инсистираше на ветинг уште пред изборите, победи опцијата за која се залагаше меѓународната заедница, а тоа е пост изборен ветинг преку т.н. брза трака. Официјално оваа одлука беше поддржана и од владејачката партија вчера, откако излезе со официјално соопштение за периодот на извршување на најавениот ветинг.
Локално.мк во однос на ова прашање побара мислење од првиот човек на Судскиот совет Киро Здравев, но тој кратко изјави дека за ветингот во правосудниот систем, Судскиот совет нема воопшто разговарано.
Главната причина зошто ветингот ќе се одржи по изборите е дефицитарноста на правосудниот кадар односно судиите и јавните обвинители. Експресниот начин или брзата трака по изборите, според ЕУ, ќе овозможи брз ефикасен начин на пополнување на т.н. „резервоар“ на судии и јавни обвинители кои треба да ги пополнат местата на оние кои ќе бидат исфрлени при процесот на проверка во рамките на ветингот.
Најавената брза трака претставува можност за сите адвокати, стручни соработници и останати лица кои се во правосудниот систем со работно искуство од повеќе од 5 години да можат за 3 месеци да поминат низ Академијата за судии и јавни обвинители, да го положат тестот и со тоа да станат потенцијални судии и обвинители кои би дошле на местото на оние кои нема да го поминат филтерот за време на ветингот.
Во моментов правосудниот систем располага со 520 судии, додека пак потребни се околу 750. Доколку се земат во предвид и судиите кои ќе бидат исфлени од правосудниот систем при ветингот, најверојатно ќе настане сериозна празнина која дополнително ќе ги развлекува активните судски предмети и постапки. Уште еден показател за дефицитарноста на правосудниот кадар е фактот дека во последните две години бројката на правници кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители со положен испит изнесува едвај 37.
Премиерот Зоран Заев во последниот период јавно го произнесе ставот околу неправилната функционалност на правосудниот систем особено непрофесионалноста на носителите на судските и обвинителските функции, неразјаснетите бегства, обновувањето на четири судски процеси од кои дел беа при крај со постапката. На ова имаше замерка и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за кој изминатата недела се појавија шпекулации дека ќе биде прв човек на техничката влада пред парламентарните избори на пролет.
Стручната јавност засега воздржана по ова прашање. Политичките и правосудните аналитичари сметаат дека притисокот и итноста во однос на добивањето датум за преговори ќе го забрза овој процес, но велат, сепак се зависи од исходот на предвремените парламентарни избори.
Извор: Локално.мк