Буџетот за 2020 година на Општина Делчево денеска се креираше на форум со претставници на месни заедници, бизносот, граѓански организации и граѓани од овој град. Главна цел на форумот, како што информираше модераторот Даниела Такева, е детектирање на приоритетните проекти за реализација за наредната година.
-Од големо значење е граѓанското учество во сите сфери од живеењето, бидејќи главната улога на општината е да биде сервис на граѓаните. Во таа насока не затворам очи пред фактот дека во Делчево има уште доста нерешени проблеми, но тука сме да ги решаваме. Можеби некои од потребите на граѓаните општината не ги сфатила како приоритети, но затоа сме тука, најпрвин јас, а потоа и одговорните лица од Општината по одделенија, да го слушнеме нивниот глас, рече градоначалникот на Делчево Горан Трајковски.
Потенцираше дека во развојната програма за 2020 година, главен аспект ќе биде ставен на изградбата на современ градски пазар.
-Средствата во висина од 7 милиони денари за реализација на оваа идеја се обезбедени од Агецијата за финансиска поддршка и рурален развој, а останатите се од буџетот на Општина Делчево. Во буџетот исто така се предвидуваат средства за реализација на најразлични програми, како програмата од областа на заштита на животната средина, од областа на културата, програма за односи со јавноста и промоција на општината, програмата за родова еднаквост, средства за поддршка на реализација на проекти на граѓанските и спортските клубови и слично, додаде Трајковски.
За Љупчо Димитровски, претседател на месната заедница од село Драмче соработката помеѓу општината и месните заедници треба да продолжи и во иднина.
-Се радувам што имавме можност заеднички да ги поставиме прашањата за прироритетите кои треба да се реализираат во градот и селата. Имавме и наш предлог за асфалтирање на пат во село Драмче. Се надеваме дека со вакви средби ќе продолжиме и во иднина, истакна Димитровски.
Во рамките на процесот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на Буџетот за 2020 година, а во вториот дел од форумот учесниците ги претставија своите приоритети за следната година.