Потребата да се воспостави билатерална правна рамка во сите области од заемен интерес како основа за натамошно продлабочување на соработката и унапредување, особено во областа на економијата беше истакната на денешната прва политичка консултација меѓу замениците министри за надворешни работи на земјава и Грузија, Андреј Жерновски и Вакхтанг Макхароблишвили.
Делегациите размениле мислења за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување. Како што информира Министерството за надворешни работи, обострано било констатирано дека воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата држава и Грузија, во февруари годинава, отвора можности за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, при тоа имајќи ги предвид заедничките надворешно политички приоритети на двете земји.
Заменикот министерот Жерновски, зборувајќи за перспективите на нашата земја во однос на членство во Европската унија, истакнал дека нашата држава направи огромен напредок во последните две години, како резултат на посветеноста на реформскиот процес при што потенцираше.
-Ние остануваме силно фокусирани на европскиот пат. За нас не постојат други алтернативи, продолжуваме да создаваме европски правила и стандарди во работењето и во промовирањето на европските вредности. Очекувам наскоро земјите – членки да успеат да постигнат консензус за старт на преговорите со нашата држава, како валоризација на заслуженото, истакнал Жерновски.
Заменикот министерот на Грузија упатил честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно- политички приоритети.
Во рамки на политичките консултации, грузиската делегација беше примена и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.