Литванскиот претседател Гитанис Науседа ги помилува двајцата руски државјани Николај Филипченко и Сергеј Моисејенки, кои се обвинети за шпионажа, пренесува ТАСС.
Претседателот на Литванија ги помилувал двајвата Руси согласно препораките на комисијата задолжена за помилувања во земјата. Медиумите потсетуваат дека Филипченко во Литванија бил уапсен при транзит, кога се обидувал од Калининград да премине во Белорусија, а според наводите од обвинението, тој бил припадник на организирана група која се обидувала да врбува литвански државјани за шпионирање.
Тој во август 2017 година беше осуден на 10 години затвор.
Од друга страна, Моисејенко е уапсен уште во 2014 година, бидејќи според литванските власти, со помош на еден литвански државјанин собирал тајни информации за ситуацијата во редовите на литванската армија за потребите на руската разузнавачка служба.
Освен тоа, Моисејенко со помош на литванскиот државјанин ги следел и движењата на авијацијата на НАТО, како и организацијата на воените вежби во Алијансата. Моисејенко по апсењето бил осуден на 10 и пол години затвор, а неговиот литвански соработник на пет години затвор.