Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска присуствуваше на првиот Меѓународен натпревар за квалитет на мед „TETOVO HONEY AWARD 2019“. На натпреварот учествуваа 250 пчелари од повеќе држави: Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Романија, Босна.
Министерот Трајан Димковски истакна дека пчеларството е гранка која има важен придонес во земјоделскиот сектор и во зачувувањето на животната средина.
„Пчеларството кај нас има долга традиција и висок потенцијал, бидејќи климата е поволна за одгледување, а разновидноста на нашата вегетација и богатството со култури кои се добар извор на нектар и полен за медоносните пчели, се дополнителен благослов од природата која не наградила и со сопствен автохтон род пчели. Со оглед на економската и стопанска важност која ја има пчеларството, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство имаме јасна стратегија за максимална поддршка на пчеларството преку развојни мерки од Програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој како и преку мерките од ИПАРД 2 програмата“, изјави Димковски.
Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во Република Северна Македонија, во 2018 година се регистрирани 242.000 пчелни семејства за кои од буџетот ќе има 2,5 милиони евра субвенции. Министерот Димковски посочи дека се воведени нови мерки и тоа, зголемена субвенција за пчелно семејство од 600 на 800 денари, а пчеларите со 10 пчелни семејства можат да се регистрираат и да аплицираат за добивање субвенции. Со контрола на Агенцијата за храна и правилникот кој беше донесен пред три месеци ќе се овозможи и малите пчелари да добијат дозвола односно да имаа мали производствени капацитети и со самото тоа да си ја зголемат конкурентноста да постигнат повисока цена.
„Во споредба со минатите години, сега пчеларството е вклучено и во многу други мерки за поттикнување на руралниот развој. Континуирано и посветено создаваме институционална поддршка за пчеларството преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, достапни се и мерки од Програмата за рурален развој и ИПАРД фондовите, со цел модернизирање на процесот и зголемување на пчелните семејства и целокупниот капацитет на пчеларскиот сектор. Креиравме и мерка за поддршка на руралната жена, па така и жените пчелари ќе може да аплицираaт за нивните иновативни пчелни производи“, изјави министерот Димковски.
При креирањето на новата петгодишна Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, предвидено е да се воведат нови правила како што е користење контролирани матици и роеви кои што се карактеристични за нашиот регион, организирано системско засадување на медоносни растенија, едногодишни и повеќегодишни кои цветаат во т.н. безпашни периоди заради континуирано обезбедување на нектар, како и интензивирање на селидбеното пчеларење. Планирани се и мерки за поддржување на иноваци од пчелни производи, но и за развој на пчеларскиот туризам како една од мерките за подобрување на условите за живот во руралните средини, подобрување на квалитетот на производство и дистрибуција на квалитетна и здравствено безбедна храна, каде што припаѓа и медот.
На манифестацијата министерот Димковски им ги врачи наградите на најуспешните пчелари, за произведен безбеден и квалитетен мед. Настанот е во организација на Здруженијата на пчелари „Градот на пчелите“ и „Полошки мед“ од Тетово, а финансиски е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку мерката за техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој.