Европскиот ракометен шампион Вардар доживеа тежок пораз на гости кај Кјелце со 35-25 (17-14) во дуел од осмото коло од Лигата на шампионите.
Иако имаа доста проблеми со составот, вардарци се држеа добро во првото полувреме и го завршија со 3 гола негатива. Падот во играта беше евидентен во второто полувреме, кога домаќинот го засили ритамот.
Полјаците го имаа одличниот Волф на голот, а на десетина минути пред крајот поведоа со 28-21, разлика која докрајот ја зголемија на +10 за конечни 35-25.
Дибиров заврши со 9 гола кај скопскиот тим, додека за победниците Каралек и Карачиќ се истакнаа со по шест гола.
На табелата води Кил со 13 бодови, следуваат Веспрем и Кјелце со 10, додека Монпелје и Вардар освоија 9 бодови, но Французите имаат натпревар помалку.
Следен дуел за „црвено-црните” во најпрестижното ракометно натпреварување во Европа ќе биде на гости кај Мешков Брест.