Прегласната музика добра за расположението, но штетна за возењето

Речиси секој возач додека вози, сака да слуша музика. Во зависност од вкусот и расположението, се слуша рок, поп, џез, фолк… Но, истражувањата покажуваат дека видот и јачината на музиката влијаат врз расположението на возачите, а со тоа и врз брзината на возење.

Експертите тврдат дека погласната музика и музиката со побрз ритам влијае врз адреналинот на возачот и го тера да вози побрзо, а потивката и музиката со побавен ритам не предизвикува адреналински скок кај возачот и тој вози повнимателно.

– Општопознат факт е дека возењето е мултитаскинг-активност која бара концентрација, внимание и посветеност. Основна задача на секој возач е внимателно да ги следи состојбите и случувањата во сообраќајот. Внимателното и будното следење на состојбите и случувањата во сообраќајот му дава можност на возачот брзо и ефикасно да интервенира во случај на непредвидени и несакани ситуации, кои неретко се случуваат во сообраќајот. Согласно наведеното, секое дејство, случување или настан (слушање гласна музика, зборување на телефон, јадење, козметичко средување, пушење цигари итн.) што го одвлекува вниманието на возачот, директно влијае во насока на загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, бидејќи на тој начин се намалува возачката способност на возачот. Прегласната музика едноставно е штетна при возењето, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Едно истражување во кое биле вклучени волонтери ставени на симулатор покажа дека оние испитаници на кои им беше пуштена тивка музика или кои воопшто не слушаа музика ја променија сообраќајната лента околу 70 пати, а оние кои слушаа музика со брз ритам истата лента ја променија дури за 140 пати или двојно повеќе од првите.

Оттука препораките на експертите се да се слуша музика со помалку од 120 бита во минута додека се вози.

Британската кредитна и лизинг-компанија за автомобили Манибар анализирала 96 најпопуларни песни и има составено листа на најопасни и најбезбедни песни за возење.

Така, во групата најопасни песни за возење оваа британска компанија ги вбројува American Idiot – Грин деј, Party in the USA – Мајли Сајрус, Mr. Brightside – Килерс, Don’t Let Me Down – Чеинсмокерс и Born to Run – Брус Спрингстин.

Најбезбедни песни за возење, пак, според Манибар се Stairway to Heaven – Лед цепелин, Under the Bridge – Ред хот чили пеперс, God’s Plan – Дрејк, Africa – Тото и Location – Калид.

Според експертите, прегласната музика не само што влијае врз брзината на возење, туку е штетна и за самото возење бидејќи од јачината на музиката во автомобилот, возачот не може да ги слушне надворешните звуци во сообраќајот ниту, пак, звукот на моторот на автомобилот, кој е главниот репер за исправноста на возилото.

– Прегласната музика оневозможува возачот да ги следи и да ги регистрира надворешните звучни сигнали, како што се свирките од останатите возачи, сирените на противпожарните возила, полицијата, амбулантните возила и слично. Исто така, гласната музика оневозможува да се слушне звукот на моторот, кој може многу да кажува за моменталната состојба на возилото. Исто така гласната музика оневозможува да се следат реакциите и случувањата во околината, посочуваат од РСБСП.

Оттаму апелираат возачите да бидат внимателни и концентрирани секогаш кога се наоѓаат зад управувачот на возилото и да не преземаат никакви дејства кои на кој било начин, директно или индиректно, имаат ефект на одвлекување на вниманието на возачот и на намалување на неговата возачка способност. РСБСП препорачува да се вози со музика со бавен ритам и гласност која овозможува да се слушне моторот на автомобилот и која овозможува да се следат случувањата во сообраќајот.

– Внимателно, концентрирано и одговорно управување на моторното возило е предуслов за безбедно одвивање на сообраќајот, нагласуваат од РСБСП.

Во државава досега не е изготвена студија или истражување за тоа како влијае гласната музика врз однесувањето на возачите. Но, истражувањата од релевантни меѓународни организации покажуваат дека слушањето гласна музика, возењето на повеќе лица во еден автомобил или други слични активности се значаен ризик-фактор што ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот.

– Наведените ризик-фактори особено се изразени и влијаат на однесувањето на младите и неискусни возачи. Истражувањата исто така покажуваат дека на глобално ниво, бројот на сообраќајни незгоди кои се последица на одвлечено внимание се во континуиран раст и токму затоа оваа проблематика заслужува многу сериозно внимание во периодот што следува, посочуваат од РСБСП.

Треба да знаете
Последни објави