Годишно во нашата држава се раѓаат 600 предвреме родени бебиња на кои покрај борбата за живот, правилната нега и грижа треба да им се овозможи и максимално можен квалитет на живот во иднина. Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) како најповикана институција и прв дом на сите предвреме родени дечиња, ја продолжува традицијата и заедно со сите центри во светот денеска ќе го одбележи 17 Ноември – Светскиот ден на предвреме родените дечиња.
Мотото под кое ќе се одбележува годинава овој ден е „Роден прерано: Обезбедување на соодветна грижа, во соодветно време, на соодветно место”, а целта е подигнување на јавната свест во општеството со цел подобри резултати во згрижување на предвремено родените бебиња.
На настанот во просториите на Клиниката за гинекологија и акушерство ќе се обратат директорката на ЈЗУ ГАК доц.др.Викторија Јовановска, началничката на Одделението за интензивна нега прим.др. Елизабета Петковска, како и претставникот од граѓанската организација „Лулка” со која Клиниката има потпишано меморандум за соработка при што ќе бидат изнесени реализираните заеднички активности во изминатата година. Најавена е и прес-конференција во амфитеатарот на ЈЗУ У ГАК на која ќе бидат презентирани новите статистики за намалување на смртноста кај новороденчињата, како и за набавката на нов апарат.
Како што соопштуваат од Клиниката, на настанот ќе присуствуваат и сопругата на претседателот на држвата, првата дама Елизабета Ѓоргиевска како и Зорица Заева, сопруга на премиерот на државата.
Предвидено е Ѓоргиевска и Заева да ги посетат просториите на Одделението за интензивна нега на недоносените новороденчиња, а ќе се одржи и настан посветен за најмалите дечиња кои биле поранешни пациенти на Одделението за интензивна нега на ГАК.