Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Меѓународната експертска комисија што треба да се дооформи согласно со Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.
-Секој има право да истакнува свои слогани, да се бренидира како солунски самит или здружение на индустријалци или слично. И Договорот од Преспа и меѓународните стандарди јасно укажуваат како се решаваат ваквите прашања. Ние тоа прашање го имаме вградено во Договорот од Преспа, каде веќе е создадена и треба да се дооформи меѓународна експертска комисија која заедно ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија којшто не спојува, изјави денеска Заев, прашан за коментар на слоганот „Macedonia the GReat” што беше промовиран неделава за грчките производи од грчката област Македонија.
Заев верува дека наоѓањето на трајното решение на ова прашање ќе биде уште еден мост на спојување, како што вели, помеѓу Република Северна Македонија и Грција во делот на градењето на пријателството, стратешкото партнерство и целта за овој регион сите заедно да успееме напред.
Самостојното истакнување свој амблем, појасни, не е против Преспанскиот договор, но трајните законски решенија се дефинираат преку меѓународната експретиза, којашто треба да биде воспоставена.
-Денеска кај нас е Made in Macedonia и во духот на Договорот треба да го решиме тоа. Кога некој би ме прашал мене, имаме прекрасен историски регион Македонија. Зошто за сите да не биде Македонија? Ние сме веќе разграничени со географската одредница дека навистина сме северниот дел од тој историски дел на регионот Македонија, некој е на јужниот, некој на источниот дел од тој регион, секако сите сме оформени во посебни држави. Можеме низ решенијата за вакви прашања да градиме единство и сплотеност и да бидеме уште попочитувани од западниот свет, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по трибината на Форумот на жени на СДСМ.
Здружението на извозници на Грција, пред три дена во Солун, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги промовираше ознаката и слоганот со кои грчките производи ќе бидат проследени на меѓународно ниво. Нови колективни трговски ознаки за грчките производи од грчката област Македонија се слоганот „Macedonia the GReat”, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М” како ознака, испишани со бело на сина позадина.
По презентацијата, грчкиот премиер рече дека новата колективна ознака „отсега, па натаму ќе ги придружува македонските производи и услуги низ целиот свет”.